Ставот на ДУИ е дека нема потреба да има промени на министрите од нејзините редови при најавената реконструкција на Владата.
Ова денеска го потенцираше министерот за економија Крешник Бектеши, кој, сепак, нагласи дека во зависност од преговорите кои се во тек одлука ќе донесе партиското раководство.
„Неминовно е да има реконструкција на Владата имајќи предвид дека веќе имаме приложено оставка од министерот за земјоделство и двајцата заменици-министри од движењето Беса. Во делот на ДУИ, ние сме го кажале нашиот став дека нема потреба од измени на членовите од ДУИ во постоечката влада, но секако согласно преговорите што веќе се одвиваат од страна на претседателот и претседателството на ДУИ и со премиерот и претседател на СДСМ, но и со другите политички партии, конечната одлука ќе ја донесе претседателот и претседателството на ДУИ“,
рече Бектеши.
Реконструкцијата вчера ја најави вицепремиерот и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи, кој рече дека смета оти наскоро ќе има нова влада предводена од актуелниот премиер Зоран Заев, која ја нарече влада „Заев три“, но дека ќе се сменат шест до седум министри.
Околу најавената реконструкција денеска на новинарски прашања одговараше уште еден од потпретседателите на СДСМ и министер за здравство, Венко Филипче, кој рече дека не се оптоварува дали ќе биде опфатен во неа или не.
„Треба да работи и да остане да работи тој што се пронаоѓа себе си во министерската работа без разлика за кој ресор е, тој кој покажал резултати … А, евидентни се критериумите за успех во работата итн. И тоа го прави премиерот, така што не се оптоварувам со тој дел, сепак, сме фокусирани во овој дел што значи менаџирање на пандемијата“,
рече Филипче.