Новите измени, според Министерството за здравство, отвораат можност лекарите да заработат уште повеќе, а услугите за пациентите да се подобрат

Крупни промени во здравствениот систем најавува Министерството за здравство откако на владина седница денеска поминаа предлог-измените Законот за здравствената заштита.
Меѓу измените се и можноста за лекарите специјалисти после работното време да може да дежураат во која било друга здравствена установа. Општите лекари вработени здравствените домови, педијатрите и гинеколозите во болничкиот сектор, пак, ќе може да бидат и матични лекари.
Новите измени, според Министерството за здравство, отвораат можност лекарите да заработат уште повеќе, а услугите за пациентите да се подобрат.
Според соопштението кое го објавија од Министерството, законските измени предвидуваат:
- Лекарите специјалисти вработени во која било државна или приватна здравствена установа ќе може да дежураат, во која било здравствена установа ширум државата согласно дефицитот на нивната специјалност во одредена болница или регион.;
- Од крајот на следната година, општите лекари вработени во здравствените домови, и педијатрите и гинеколозите вработени во болничкиот сектор, ќе може да бидат и матични лекари, согласно дефицитот од тие матични лекари, во различни региони од државата, што ги утврдува Министерството;
- Во ординациите на матичните лекари, пациентите остануваат во истата ординација доколку нивниот матичен лекар се пензионира, или го напушти тоа работно место. Со тоа пациентите лесно продолжуваат да се лекуваат во веќе избраната ординација;
- На веќе вработените лекари, за шестмесечен стаж, како услов за специјализација се смета и времето поминато во здравствената установа каде се вработени;
- Се регулира и вклучувањето на граѓанските организации во системот на здравствена заштита.
Откако поминаа на владина седница, предлог-измените треба да бидат усвоени и во Собранието.