Оставки од актуелното и формирање на принудно раководство составено од енергетичари со цел спас на ЕЛЕМ и РЕК „Битола“, бара опозицијата

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека во РЕК „Битола“ се случува хаварија по хаварија и бара итна оставка од директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски. Исто така, од опозицијата бараат и формирање експертски тим за спас на ЕСМ и РЕК „Битола“.
Најновата хаварија, според ВМРО-ДПМНЕ, предизвикала исклучување на Блок 1 од мрежата.
„Повторно од мрежа е исклучен Блок 1, заради хаварија во котелскиот дел, а само по неколку дена, заради нестручна санација. Блок 2 е оставен на технички минимум заради испад по нестручен ремонт. Блок 3 ќе биде подолго време надвор од употреба и не се знае кога ќе проработи по тешката хаваријата. Граѓаните добиваат скапа струја од увоз којашто денеска е 250 евра за MWh односно пет пати поскапа од производната цена за MWh на РЕК Битола, со што секој ден дупката на ЕСМ (ЕЛЕМ) се зголемува за неверојатни милион и петстотини илјади евра“,
вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Опозициската партија ја обвинува актуелната влада дека производството на струја во РЕК „Битола“ е сведено на минимум или воопшто го нема од единствена причина „испумпување пари“.
„Во рудниците во РЕК ‘Битола’ е исто така критично. Годинава се потрошија 60 милиони евра за ископ на јаглен, а јаглен нема ни за еден месец. Ископ скоро и да нема. Дел од багерските единици се надвор од погон заради хаварија, а дел, дознаваме, намерно се тргнати од производниот процес на јаглен во корист на камионскиот транспорт на надворешни фирми. Почитувани, доста се лаги и криминал! ВМРО-ДПМНЕ бара најитни оставки на сиот раководен тим предводен од Васко Ковачевски тука во РЕК Битола, како и формирање на принудно раководство составено од енергетичари со цел спас на ЕЛЕМ и РЕК ‘Битола’, односно спас на тоа што остана од нив“,
вели Стоилковски.