Кастриот Реџепи прво самоволно стави потпис за пад на владата на СДСМ и ДУИ, а потоа откако исчезна повеќе од 10 часа го смени ставот и ДУИ и СДСМ му станаа пример за вредност, реагира опозицијата
Откако пратеникот Кастриот Реџепи по четири дена излезе во јавноста да зборува за одлуката зошто одлучи да не се појави во Собранието за гласањето недоверба на Владата, опозициската ВМРО-ДПМНЕ се јави со реакција во која вели дека денеска „видовме како изгледа уценет човек“.
„Така изгледа уценет човек кој има многу противречности во својата приказна и човек на кој личниот интерес му е пред колективниот. Ако ДУИ и СДСМ се европската вредност во која Кастриот Реџепи верува, тогаш Европска Унија ја боли глава од Кастриот, ДУИ и СДСМ. Кастриот Реџепи прво самоволно стави потпис за пад на владата на СДСМ и ДУИ, а потоа откако исчезна повеќе од 10 часа го смени ставот и ДУИ и СДСМ му станаа пример за вредности. Методите со кои СДСМ и ДУИ го премислија Кастриот ниту се демократски, ниту се европски, туку се режимски“,
реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот на денешната прес-конференција рече дека во четвртокот самоволно се засолнил за да не дозволи земјата да отиде во правец кој е спротивен на неговите идеолошки определби.
„Јас сум мирен, со чиста совест. Нема поголема чест да ја водиш својата земја на патот кон слободата, демократијата, кон НАТО и ЕУ. Самоволно се засолнив на денот на седницата за доверба на Владата за да не дозволам земјата да ни отиде во правец кој е спротивен на мојата идеолошка определба“,
рече Реџепи.