Кривичниот совет го одби барањето за условен отпуст за Зоран Милески-Кичеец со кој тој остатокот од казната во „Рекет“ би го поминал на слобода, соопшти Основниот кривичен суд во Скопје.
„Постапувајќи по предлог на директорот на КПД Струга – Отворено одделение, за условен отпуст на З.М. правосилно осуден во предметот на овој суд со КОК бр. 131/19 во јавноста познат како ’Рекет‘, Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција, по одржана седница на совет на 12.11.2021, донесе решение со кое предлогот се одбива“,
соопшти судот.
Против ова решение од првостепениот суд, Кичеец има право во рок од осум дена да се жали до Апелацискиот суд во Скопје.
Кичеец во „Рекет“ е осуден за делото примање наградата за противзаконито влијание.
Тој на 15 јули 2019 година, заедно со Бојан Јовановски-Боки 13, беше уапсен како осомничен во истрагата за „Рекет“, која тогаш ја отвори Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Откако беше поднесе обвинението, на првото судско рочиште кое се одржа на 3 декември 2019, Кичеец и веќе наредниот ден му беше изречена затворска казна од три години, која потоа стана правосилна со потврда од Апелацискиот суд во Скопје.
Кичеец затворската казна наместо во затвор во Скопје ја издржува во струшкиот затвор бидејќи во меѓувреме ја смени адресата на живеење од главниот град во Охрид.
Тој таму беше сместен во отвореното одделение во затворот во Струга, но откако учествуваше во сообраќајка во која загина едно лице, беше преместен во полуотвореното. За сообраќајката, Кичеец исто така се спогоди, и доби шестмесечна условна затворска казна.