На маргините на министерскиот состанок во Брисел, Османи и бугарскиот колега Стоев ја поздравиле подготвеноста за динамизирање на работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања
Министерот за надворешни работи Бујар Османи од денеска престојува во дводневна работна посета на Брисел, каде што ќе учествува на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ПСЈИЕ.
Тој денеска на маргините на состаноците на ЕУ и ПСЈИЕ во Брисел се сретна со својот бугарски колега, Светлан Стоев.
Како што вели Османи во објава на својот фејсбук-профил, на состанокот била потврдена важноста и посветеноста кон напредокот во процесот на европската интеграција, регионалната соработка и добрососедството во регионот на Западниот Балкан, а со бугарскиот колега размениле видувања и за последните политички случувања, по завршувањето на изборните циклуси и во двете земји.
„Ја повторивме својата решеност за продолжување на конструктивниот пристап и добрата волја во билатералните односи. Истовремено, ја поздравивме подготвеноста за динамизирање на работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со надеж дека Комисијата во наредниот период ќе изнајде начини за постигнување конкретни резултати, кои се во интерес на двете страни“,
вели Османи.
До одржувањето на клучните состаноци на ЕУ во декември, како што напиша Османи, очекувањата на двете страни се да бидат интензивирани контактите преку постојните форми на одржување состаноци, со цел да се изнајдат најдобри решенија во интерес на постигнувањето на наредните исчекори во процесот на интеграција кон Европската Унија.
Османи вели дека само отворениот дијалог и непосредната соработка претставуваат најсигурен показател за одговорноста и посветеноста кон мирот и стабилноста, перспективите на регионот, како и успешното справување со сите видови предизвици со кои заедно се соочуваме.