Македонската фудбалска репрезентација за првпат во својата историја ќе учествува во плејоф за едно Светско првенство, откако вечерва во Скопје го победи Исланд со 3:1 во последното коло од квалификациите. Избраниците на селекторот Благоја Милевски во соблекувалната со песната „Земјо македонска“ го прославија големиот успех.
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, е задоволен од изданието на неговите избраници на вечерашниот натпревар. Тој на прес-конференцијата по натпреварот во Скопје, ја истакна и заслугата на претходниот селектор со кого македонската репрезентација ги започна квалификациите за Мундијалот 2022.
Македонските фудбалери го освоија второто место во Ј-групата во квалификациите за Светското првенство 2022 во Катар и за првпат во историјата изборија учество во баражот.
Ждрепката за групите во плејофот ќе биде извршена на 26 ноември, а натпреварите ќе се играат во март следната година.