Претседателот Стево Пендаровски попладнево ги потпиша Указите за прогласување на повеќе закони кои беа усвоени од Собранието, информираат од неговиот кабинет. Во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ да не го потпишува Законот за јавно обвинителство и Законот за Советот на јавни обвинители, во соопштението од кабинетот на Пендаровски се вели:
“Согласно член 75 од Уставот, Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“, а Законот за јавното обвинителство спаѓа во тие закони. За евентуалните приговори во однос на уставноста на некој закон, секој граѓанин може да поднесе иницијатива до Уставниот суд на Република Северна Македонија како надлежен државен орган.“
– стои во соопштението од Кабинетот на Пендаровски.
Како што информираа од неговиот кабинет, Пендаровски ги потпиша указите и за прогласување на останатите усвоени измени како Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени, Закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, Законот за одбрана, Законот за Инспекторат за употреба на јазиците, Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Закон за заштита на личните податоци, Закон за изменување и дополнување на Законот за урбано зеленило и Закон за управување со движењето на предметите во судовите.