Првата опција за формирање ново парламентарно мнозинство и влада, кажа тој на прес-конференцијата пред три дена, нема да ја даде потребната енергија, а на прашањето зошто се откажал од формирање ново парламентарно мнозинство, кое долго време го најавуваше, тој одговори дека ново мнозинство е потребно за распишување нови избори
Денеска, пак, кажа дека прво ќе се обиде да формира влада со мнозинство од 61 пратеник, па дури потоа опција би биле брзи предвремени избори
Пред три дена кажав дека ново мнозинство е потребно за да бидат распишани брзи предвремени парламентарни избори. На истата прес-конференција ги кажав и двете исти патеки по кои што ќе се движиме, а тоа е: или формирање на ново мнозинство, кое ќе има политички легитимитет или формирање ново мнозинство кое ќе ги распише брзите предвремени парламентарни избори.
Вака одговори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на новинарско прашање денеска, зошто пред три дена најави предвремени избори, а денеска дека прво ќе се обиде да формира влада со мнозинство од 61 пратеник, па дури потоа опција се избори.
„Овде стојат потписите на 61 пратеник во парламентот коишто се обединија да изгласаат недоверба доколку Зоран Заев не ја поднесе оставката во парламентот. Дали ќе имаме 61 за влада, сега не би можел да ви кажам може ќе имаме 70 и повеќе“,
рече меѓудругото во одговорот Мицкоски.
Што изјави Мицкоски пред три дена?
На прес конференцијата на 3 ноември, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ побара итни предвремени парламентарни избори бидејќи, како што рече, Владата е целосно делегитимирана и нејзините политики го немаат кредибилитетот меѓу народот.

„Најдобро решение е без одлагање, брзи предвремени парламентарни избори со почитување на уставните и законски рокови кои ќе обезбедат стабилна влада и вадење на Македонија од кризата. Брзи избори за кои нема да има алтернатива затоа што потребна е стабилна влада“,
рече Мицкоски потенцирајќи дека треба да се направи и консултација со ДИК за да види колку во кој рок тие би можеле да ги организираат изборите.
Како причини зошто според него, се потребни избори меѓудругото спомена и дека треба да се носат крупни одлуки за претстојните предизвици, а актуелната влада нема легитимитет за тоа, и ги спомена: енергетската криза; очекуваниот нов ковид-бран; застој во европските интеграции и падот на економијата.
Потоа во продолжение рече дека првата опција – формирање ново парламентарно мнозинство и влада, нема да ја даде потребната енергија.
„Нема да даде ни нова енергија потребна за реформите. Тоа само ќе нè внесе во нови разговори, преговори и слично кои ќе го разводнат капацитетот за управување со институциите и ќе се креира погрешна слика која нема да ја отсликува волјата на народот“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред три дена.
И тогаш му беше поставено прашањето како и денеска: Зошто се откажал од формирање ново парламентарно мнозинство, кое долго време го најавуваше, на што тој одговори: Ново мнозинство е потребно за распишување нови избори.
Што изјави Мицкоски денеска?
Прво обид да формира влада, а доколку не успее, ќе се оди на брзи предвремени парламентарни избори. Вака денеска на прес-конференција Мицкоски ги најави чекорите кои ќе следат откако ќе падне актуелната Влада – дали преку оставка на премиерот Зоран Заев или преку потписи од 61 пратеник за гласање недоверба, кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ги обезбедил на синоќешната средба во Собранието со претставниците на Алијанса, Алтернатива, Беса и Левица. Оставката ќе ја чекаат до понеделник.
„Во периодот што следи ќе се обидам, повторувам ќе се обидам да формирам нова влада и тоа ќе се случи само доколку бидам сигурен дека тоа ќе биде влада со сериозен кредибилитет, влада со силни институции кои ќе гарантираат стабилност, нова енергија и ефикасност во реформите и промените кои следат. Доколку не се постигне оваа цел кон која се стремам и не обезбедам полна ефикасност на владата потребна за справување со кризите, борба против корупцијата и криминалот, коишто се клучниот проблем во нашата држава, понатаму полна ефикасност на владата , тогаш она што ни преостанува како единствена опција се брзи предвремени парламентарни избори, за народот на Македонија да одлучи за новата иднина“,
рече денеска Мицкоски.
Тој не одговори конкретно на прашањето што влијаело да ја смени одлуката и рече дека и тогаш го споменал мнозинството во контекст на распишување предвремени избори.