Од опозициската партија велат дека досегашните листи што ги имале се со потписи од пратениците кои го напуштија парламентот, бидејќи беа избрани за градоначалници на локалните избори, па собираат потписи со новите
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Никола Мицевски, вели дека е точно оти се собираат потписи од пратеници, но тврди дека тоа не е за распуштање на Собранието.
Во разговор со „360 степени“, тој тврди дека станува збор за тековна техничка работа и потписи собира само од пратениците во рамки на својата пратеничка група, кои би ги користеле за други активности во Собранието, како што е, на пример, барање за тргање на предлог-закони од дневен ред, поднесување амандмани итн. На таков начин, како што појаснува Мицевски, би можеле да реагираат навреме кога ќе има потреба.
Од опозициската партија велат дека досегашните листи што ги имале се со потписи од пратениците кои го напуштија парламентот, бидејќи беа избрани за градоначалници на локалните избори.
Станува збор за четворица нови пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои денеска официјално влегоа во парламентот откако Државната изборна комисија (ДИК) им ги врачи уверенијата. На местото на Тимчо Муцунски, кој стана градоначалник на Аеродром, дојде Тони Јаревски, наместо Дарко Костовски, кој победи во Бутел, дојде Зоран Коцевски, новиот градоначалник на Штип, Иван Јорданов, го замени Драган Ковачки, а во фотелјата на Кирил Пецаков, кој победи во Охрид, седнува Грација Бакраческа.
Покрај четворицата пратеници од опозициската партија, нови лица во парламентот ќе има и во пратеничката група на СДСМ.
Костадин Костадинов, кој е нов градоначалник на Струмица, во собраниските клупи ќе го замени Љубица Спасева, а Драгољуб Филиповски, пак, ќе седне на местото на Билал Касами од Беса, кој на минатите парламентарни избори настапи во предизборна коалиција со СДСМ, а на локалните избори сега победи во трката за градоначалник на Тетово.
