Верувам дека тоа е еден вид притисок врз коалицијата, но коалицијата не е оштетена од ваквите изјави и притисоци, изјави лидерот на ДУИ
Лидерот на ДУИ, вели дека не очекува коалицискиот партнер во власта, Беса, да се повлече од владата, откако синоќа генералниот секретар на оваа партија, Аријанит Хоџа, се закани со тоа бидејќи Државната изборна комисија (ДИК) прифати приговор на ДУИ за Желино, па сега може да има прегласување на едно избирачко место.
„Емотивна изјава, и директен притисок врз органите кои се надлежни да воведат ред и правда во државата. И мислам дека тоа е притисок врз институциите. Не мислам дека Движењето БЕСА ќе се повлече, бидејќи нанесува штета на дотичната партија, но верувам дека тоа е еден вид притисок врз коалицијата, но коалицијата не е оштетена од ваквите изјави и притисоци. Но, тоа не е добро бидејќи се врши притисок врз институциите“,
изјави Ахмети, пренесе Алсат ТВ.
Претходно и министерот за правда Бојан Маричиќ, изјави дека не очекува политички импликации од одлуката на ДИК.
„Мислам дека низ разговори и состаноци ќе ги разрешиме сите тие дилеми. ДИК донела одлука и тоа не е само за Желино, така што ќе видиме. Не би требало да има тоа политички импликации“,
рече Маричиќ.
Приговорот чие прифаќање од ДИК ја налути Беса се однесува на избирачкото место 2107, а од ДУИ го поднеле по два основи: поради несовпаѓање на бројот на гласачи кои биле идентификувани со уредите со бројот на гласачи кои се потпишале во избирачкиот список и поради тоа што едно лице гласало со истечена лична карта. Прифаќањето значи дека според моменталната одлука, на ова избирачко место ќе има прегласување. Меѓутоа, конечната одлука би можел да ја има и Управниот суд доколку за решението на ДИК се поднесе тужба.
Прегласување би имало затоа што – ако се земат предвид разликата во гласовите и бројот на гласачи во избирачкото место 2107, би можело да дојде и до пресврт на резултатот во оваа општина каде се соочија кандидатите токму на ДУИ и Беса.
Имено, во вториот круг победи кандидатот на Беса, Блејрим Сејди, со само 69 гласа повеќе од Фатмир Изаири од ДУИ. Сејди имаше 5 171, а Изаири 5 102. На избирачкото место 2107 има вкупно 741 гласач од кои во вториот круг гласале 340.