Тој го извести судот дека целото семејство на неговиот адвокат е позитивно на ковид-19, а судијата Осман Шабани го одложи судењето за 23 ноември
Стевчо Јакимовски, кој вчера ја презеде функцијата градоначалник на Карпош, денеска седна на обвинителна клупа во Основниот кривичен суд во Скопје, каде што продолжи судењето во предметот каде што тој е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувања за периодот на неговите претходни мандати на чело на оваа скопска општина.
Но, тој кратко се задржа во судот бидејќи рочиштето беше одложено. Како што потврдија од Кривичен, обвинетиот Стевчо Јакимовски приложил документација дека целото семејство на неговиот адвокат е позитивно на ковид-19 и затоа и тој во моментов се наоѓа во изолација.
Од судот дополнуваат дека, поради заштита од ширење на коронавирусот, судијата Осман Шабани го одложи рочиштето за 23 ноември.
За денешното рочишта Јакимовски се огласи и на социјалните мрежи вперувајќи го прстот кон медиумите.
Повеќе од две години, вели тој, сум по судските врати и никогаш немало медиумска заинтересираност. Денешното рочиште, продолжува понатаму, беше медиумски однапред најавувано и пред судот и внатре ме чекаа 15-ина камери.
„Јасно дека се организирани од еден центар. Па нели вака правеше режимот? Очекувам и наративот во извештаите да биде со иста или слична содржина. Јасно е дека некој не може да се помири со поразот на локалните избори. Откако одлучив да се кандидирам на 16 февруари 2013 година до денес ми се закануваат со затвор и постојано се обидуваат да ја остварат својата цел. Нема проблем ние ќе одиме по затвори, ако треба и да умреме, да молчиме, само тие да не работат, да уживаат, да седат по кафеани и да си земаат тоа што мислат дека е нивно. Е сега, повторно сме им криви и јас и народот. Јасно ми е како ден, секој ден ќе ме плукаат, ќе ме навредуваат, ќе ме прогонуваат како што правеа од 2013 до 2017 година, ќе држат пресови и протести пред вратите на општината и пак ќе бидам црн ѓавол, а јас им пружив рака и јавно им пратив покана за соработка“,
вели Јакимовски.
Според обвинението за предметот каде што е обвинет Јакимовски, во периодот од 2011 до 2017 година, како службено лице – градоначалник, Јакимовски во повеќе наврати ја злоупотребил службената положба и овластување во постапки за јавна набавка и во постапка за легализација на времени објекти од деловен карактер и приватизација на градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија.