Оваа влада, во последните циклуси, докажа дека нема ниту капацитет ниту подготвеност за слободни, фер и демократски избори, велат од Алијанса
Ние цениме дека не може да има слободни избори со ДУИ на власт, велат од опозициската Алијанса за Албанците
„Оваа Влада, во последните циклуси докажа дека нема ниту капацитет ниту подготвеност за слободни, фер и демократски избори. Не можеме да зборуваме за демократија кога целата држава е ставена во служба на владејачките партии, граѓаните се загрозени и уценувани, додека гласовите се купуваат и крадат“,
се наведува во соопштение на Алијансата за Албанците.
Според изјавите кои доаѓаа од оваа партија претходно, Алијанса за Албанците се залага за формирање на ново парламентарно мнозинство. Доколку не успее тоа, како што изјави генералниот секретар Арбен Таравари, тогаш да има избори.
Претходно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара брзи предвремени парламентарни избори и формирање техничка влада до одржување на изборниот процес.
Од СДСМ одговорија дека партиите од владината коалицијата освоија повеќе гласови за советници од опозицијата и дека парламентарното мнозинство нема да гласа за брзи предвремени избори, бидејќи државата, како што велат, е поважна од разулавеноста на Мицкоски.