Од неговиот кабинет велат дека течат консултации во партиските органи на СДСМ и коалициските партнери низ кои се работи на решенија и одлуки со кои парламентарното мнозинство останува стабилно и се обезбедува Влада која го одржува реформскиот курс на земјата
Не е точно дека планот на премиерот е да ја одолговлекува оставката до декември. Оставката е јасен чин на преземање одговорност, велат од кабинетот на Зоран Заев, пренесе МИА, по разните, како што нагласуваат оттаму, неточни брифинзи дека планот на премиерот бил да ја одолговлекува оставката.
Од Кабинетот посочуваат дека во тек се консултации низ кои, органите на партијата, како и коалициските партнери, со целосна поддршка од премиерот Заев, работат на решенија и одлуки со кои парламентарното мнозинство се одржува стабилно, а со цел обезбедување Влада која го одржува реформскиот и прогресивен курс на земјата.
По објавувањето на резултатите од вториот круг од локалните избори во неделата, 31 октомври, Заев соопшти дека ќе поднесе оставка од премиерската функција и од лидерската позиција во СДСМ, но истакна дека владината коалиција и парламентарното мнозинство се стабилни и продолжуваат да функционираат.
Вчера тој имаше и средба со коалициските партнери во Владата, по што, според брифинзите кои излегоа оттаму, останува отворена е можноста премиерот да ја напише оставката кон крајот на оваа или на почетокот на следната година односно по декемврискиот Самит на ЕУ, а со оглед на очекувањата за надминување на блокадата од Бугарија, по парламентарните и претседателските избори во соседството на 14 овој месец, со што би се отворил простор за одредување на датум за првата меѓувладина конференција со С Македонија и со Албанија.