Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера, според објавата на социјалните мрежи, размислуваше дали да се откаже состанокот за „Отворен Балкан“ поради оставката на Заев, а Танјуг објави дека од кабинетот на Заев им било кажано дека тој нема да учествува туку ќе прати друг претставник
Наместо премиерот Зоран Заев, на средбата од иницијативата „Отворен Балкан“ утре и задутре во Белград ќе учествува вицепремиерот за економски прашања Никола Димитров.
„Поттикнувањето на регионалната соработка преку иницијативата ‘Отворен Балкан’ продолжува на работен состанок во Белград на 3 и 4 ноември 2021 година (среда и четврток), на кој во име на Владата на Република Северна Македонија ќе учествува заменик-претседателот задолжен за европски прашања, Никола Димитров“,
соопштија од кабинетот на Димитров.
Агендата за работниот состанок што се организира во соработка со Атлантскиот совет, опфаќа панел-дискусија на тема „Дигиталната трансформација како подадена рака за регионална интеграција“ на која ќе бидат усвоени заклучоци, а потоа ќе биде одржана и прес-конференција.
Воедно, предвидени се лидерски средби и средби со претставници на компании од Северна Македонија, Албанија и Србија на кои ќе биде разговарано за олеснување на трговијата.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера, според објавата на социјалните мрежи, размислуваше дали да се откаже состанокот за „Отворен Балкан“ поради оставката на Заев.
„Силна поддршка за отворен Балкан. Дали да го одржиме или да го одложиме состанокот во Белград имајќи ги предвид случувањата во Скопје“,
напиша Вучиќ.
Српски Танјуг, пак, објави дека од кабинетот на премиерот во оставка Зоран Заев кажале дека тој нема да отпатува за Белград, но оти ќе испратат друг политички претставник.