Денеска до 14:30 часот, оставката на Заев сè уште не стигнала до Собранието, од каде што велат за „360 степени“ дека, процедурално, за законодавната власт не е релевантна оставка најавена на прес-конференција или на Фејсбук, сè додека не стигне во парламентот во пишана форма, по што би бил известен и шефот на државата
Претседателот Стево Пендаровски, како што информираат од неговиот кабинет, официјално не е информиран за оставката на премиерот Зоран Заев, што повлекува оставка на целата Влада. Оттаму посочуваат дека кога ќе биде информиран за евентуално поднесена оставка, претседателот, во рамките на уставниот рок од десет дена по извршени консултации, ќе го додели мандатот за состав на Влада на партијата или партиите што имаат мнозинство во Собранието.
„Претседателот официјално не е информиран од претседателот на Собранието дека претседателот на Владата поднел оставка, што повлекува оставка на цела Влада. Кога ќе биде информиран за евентуално поднесена оставка, претседателот, во рамките на уставниот рок од десет дена по извршени консултации ќе го додели мандатот за состав на Влада на партијата или партиите кои имаат мнозинство во Собранието. Притоа, претседателот како и досега во своите постапки ќе се води согласно установеното толкување на уставната норма во праксата во изминатите три децении“,
информираат од кабинетот на Пендаровски.
Шефот на државата, по десеттите предвремени парламентарни избори, што се одржаа на 15 јули минатата година, му го даде на Заев мандатот за формирање Влада, извршувајќи ја по првпат ова негова уставна обврска, по преземањето на претседателскиот мандат во 2019 година.
Според Уставот, член 90, претседателот е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Сегашното мнозинство го сочинуваат 62 пратеници од ДУИ и коалицијата на СДСМ од изборите во 2020 година, вклучително со Беса и ДПА.
Според член 219 од Деловникот на Собранието, „Владата, претседателот на Владата или член на Владата можат да поднесат оставка. Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи… Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката“. Во член 220 понатаму се вели дека „Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата“.
Денеска до 14.30 часот, оставката на Заев се уште не стигнала до Собранието, од каде што велат за „360 степени“ дека, процедурално, за законодавната власт не е релавантна оставка најавена на прес-конференција или на Фејсбук, се додека не стигне во парламентот во пишана форма.
По денешната координација во Собранието на која воопшто не се разговарало за следните чекори по најавената оставка на Заев, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека досегашната опозиција ќе се обиде да формира ново парламентарно мнозинство, а ако не успее во тоа тогаш, според него, би било најдобро да има нови предвремени парламентарни избори, што, пак, е неприфатливо за досега владејачките партии, кои се за избори во редовниот термин – кон средината на 2024 година.
Заев синоќа најави оставка и од претседателското место во СДСМ, при што изјави, меѓу другото, дека останува на ставот дека не треба да има предвремени парламентарни избори, бидејќи, како што рече, претстојат две и пол одлични и неповторливи години за државата од кои корист ќе има целиот народ и држава.
„Ќе останам периодов додека треба, за да помогнам, да се реорганизира нова влада со прогресивно мнозинство кое го има и постои, а може да биде и уште зголемено“,
рече Заев.