Експлозијата се случила во близина на безбедносниот контролен пункт, кој се наоѓа пред меѓународниот аеродром во Аден
Десетина лица загинаа и уште толку се повредени во денешната експлозија во градот Аден, на југот на Јемен, соопштија властите на таа земја.
Експлозијата, како што наведоа, се случила во близина на безбедносниот контролен пункт, кој се наоѓа пред меѓународниот аеродром во Аден.

Претставник на аеродромот изјавил дека мал камион се разнел на надворешната порта на аеродромот, додека локален функционер и два безбедносни извори рекоа дека возилото превезувало нафтени деривати.
Експлозијата била силна и се слушнала низ градот. Искршени се прозорците на околните жители, но нема информации дали станува збор за напад.
Аден е привремено седиште на меѓународно признатата влада на Јемен, која, како дел од коалицијата поддржана од Саудиска Арабија, се бори против групата Хути, поврзана со Иран, околу седум години.