Поглед отстрана на посетата на Атина на германската канцеларка во заминување
Ангела Меркел пристигна во проштална посета на Атина, скромно, без премногу очекувања и од гостинот и од домаќините, пишува белградски „Новости“ за посетата на германската канцеларка во заминување.
Ова доаѓање, како што наведува порталот, ќе стави крај на најтурбулентната фаза од нејзиното 16-годишно управување со комплицираниот европски состав.

„Фрау Ангела“, како што грчките коментатори понекогаш иронично, а ретко со наклонетост, го нарекуваа најмоќниот европски политичар, никогаш не била особено популарна на Егејот. Се знаеше дека таа е креаторот на политиката која предизвика масовни отпуштања, повеќекратно намалување на платите и пензиите, колапс на десетици илјади мали бизниси… Атина мораше да прифати ригорозна политика на штедење и злогласната „тројка“ на доверители. „Тројката“ заврши неславно, реформите некако беа спроведени, но денеска, по многу жртви и тешки одлуки, Грција е на половина пат до целите зацртани во 2014 година. А Ангела Меркел, веројатно, има најголема заслуга за тој процес на „кревање од амбисот“.
„Ако некој ги знае Грците, тоа е Ангела Меркел. Таа соработуваше со осум грчки премиери и не е тајна дека им ги спакува куферите и на левичарот Папандреу и на конзервативецот Самарас, за да ја напуштат премиерската палата. Сега се презентираат многу парадоксални детали дека радикалниот левичар Алексис Ципрас и легнал на срце… ‘Адио Ангела’, речиси во еден глас порачуваат грчките медиуми и испраќаат поздрави до омилениот (не)пријател, не сомневајќи се ни трошка дека ‘наскоро ќе дојде време кога ќе посакаме некоја како Ангела Меркел’“.
пишува „Новости“.