Не само скопјани, туку и цела Македонија знае дека луѓето што ги продадоа македонските национални интереси два дена пред избори излегуваат со вакви наводи и тоа го прават затоа што јас не сум човекот што ги натера да кажат дека ако го изгубат Скопје ќе ги изгубат своите политички кариери, вели кандидатката за градоначалник, која е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ
На два дена пред избори немам време да докажам дека безумно лажат, изјави денеска Данела Арсовска, кандидатката за градоначалничка на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, негирајќи ги обвинувањата од СДСМ дека има бугарско државјанство.
„Јас во целост ги негирав овие наводи и морам да кажам дека не само скопјани, туку и цела Македонија знае дека луѓето кои ги продадоа македонските национални интереси два дена пред избори излегуваат со вакви наводи и тоа го прават затоа што јас не сум човекот што ги натера да кажат дека ако го изгубат Скопје ќе ги изгубат своите политички кариери, своите функции. Сите во Македонија знаат кој нè караше со Бугарија, но јас немам време во толку краток рок до изборите да докажам дека безумно лажат, дека не е така“,
рече Арсовска одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Според неа, овие обвинувања се само демонстрирање слабост. Вели дека никогаш не го носела името Даниела и дека е родена Данела Јовановска, по името на нејзиниот дедо Дане, Македонец, а презимето Арсовска го носи повеќе од 20 години.
„Родена сум скопјанка, целиот живот живеам во Скопје, тука имам семејство што безумно го напаѓаат, почнувајќи од моите родители, од мојот син, мојот сопруг… Ова е безумие што се случува и напад на лична основа и тоа од луѓето кои пет години ме викале да им давам економски совети, луѓе кои седеле со мене на маса, а сега покажуваат на мене како на антидржавен елемент. Никогаш во животот не сум била член на политичка партија ниту сум донирала на политичка партија ниту, пак, сум направила нешто погрешно”,
одговори Арсовска.