Во интервју за емисијата „360 степени“, Кртолица оценува дека таков чекор не би го довел во прашање демократскиот легитимитет на градоначалниците
Следејќи ги извештаите и препораките на релевантните меѓународни организации и компаративното искуство, мислам дека условот за најмалку една третина излезност во првиот круг од изборите за градоначалник треба да отпадне, вели д-р Марко Кртолица, доцент на катедрата по уставно право и политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ.
Во интервју за емисијата „360 степени“, Кртолица оценува дека таков чекор не би го довел во прашање демократскиот легитимитет на градоначалниците. Повод за разговорот со Кртолица се неуспешните избори за градоначалник во општините Маврово-Ростуше и Центар Жупа, каде на 17 октомври не беше достигната минимално потребната излезност од една третина од запишаните избирачи.
Во Маврово-Ростуше гласале 32 отсто, а во Центар Жупа уште помалку – 25,8 отсто. За изборите да успеат, според Изборниот законик, неопходно е на гласање да излезат најмалку 33,3 отсто од регистрираниот електорат. На работ на успешни избори беше Пласница со 34,6 отсто излезност, а под 40 отсто одѕив е регистриран и во Шуто Оризари, Врапчиште, Боговиње, Липково, Желино, Гостивар…