За смртта на младиот битолчанец, кој почина од компликации со ковид-19, во тек е вонреден инспекциски надзор. ДЗСИ најавува дека ќе иницира и стручен надзор за да се откријат евентуални лекарски пропусти
Граѓаните доцна се јавувале на лекар и затоа имало многу починати од ковид-19, тврдат надлежните. Ако е така, нека ми објасни некој зошто три дена по ред го носев моето дете во болница, а не сакаа да го примат додека не беше предоцна? – низ придушен плач прашува Борче Мицкоски, таткото на 22-годишниот Дарко Мицкоски од Битола, кој пред една недела почина во битолската болница како последица од ковид-19.
Семејството на младото момче во разговор со „360 степени“ се жали на лекарска негрижа, пропусти и нехуман однос во ковид-болницата во Битола.

Мицкоски вели дека на неговиот син му бил дијагностициран ковид-19 на 9 октомври, по што три дена по ред со висока температура одел во Клиничката болница во Битола, добивал одредена терапија, па бил враќан дома. Хоспитализиран бил дури третиот ден, откако состојбата значително му се влошила.
„Цело време го прегледуваа доктори мажи, а во извештаите се наведени имиња на докторки специјалистки. Не знам ниту кој ми го лечеше детето, дали воопшто имаат познавање тие луѓе од работата што треба да ја работат“,
вели Мицкоски.
Обвинувања за лекарски пропусти
Дваесет и двегодишниот битолчанец лежел во болница три дена. Неговиот татко објаснува дека првиот ден на семејството му било кажано дека состојбата му е стабилна, а вториот ден примил и крвна плазма од дарител кој прележал ковид-19. Но, по третиот ден, состојбата се влошила. Утрото, на четвртиот ден од хоспитализацијата, тој бил неконтактибилен, а по неколку часа на фамилијата ѝ било соопштено дека Дарко починал.
За неговото лекување и состојба, фамилијата барала информации од пријатели и познаници во болницата бидејќи, како што велат, поголема е веројатноста да ти се падне бинго, отколку некој да ти одговори на телефоните на дежурните лекари.
„Уште кога го хоспитализираа ги молев докторите да го префрлат во Скопје. Имавме сознанија дека таму има слободни кревети и дека е можен транспорт, но од болницата во Битола ми кажаа дека тука ја добивал целата неопходна терапија. Веќе третиот ден откако го хоспитализираа ми кажаа дека не е возможен транспорт бидејќи сатурацијата била многу ниска. Зошто се чекаше до тогаш? Зошто не го хоспитализираа порано? Утрото кога отидовме во болница да си го бараме детето излезе докторот и ни кажа дека починал ‘мирно’. Дали е тоа одговор од лекар?!“,
прашува Борче Мицкоски.
За пропустите во лекувањето, семејството на Дарко алармираше и преку отворено писмо на социјалните мрежи.
„Грешката ја гледам во тоа што детето не ми е примено навремено, прегледувано е од лекари од непозната специјалност, еден беше доктор по општа медицина, а за друг се сомневам дека е стажант. Зошто е тоа така ќе треба да си објасни Министерството за здравство“,
вели Мицкоски.
Додека Дарко бил хоспитализиран, неколкупати се жалел и на нехуман третман во болницата. Во телефонски пораки до неговата фамилија се жалел дека нема кој да му даде вода за пиење, а во неколку наврати алармирал и дека нема кој да ја регулира водата во кислородните боци.
Неговиот брат, Дејан Мицкоски, со „360 степени“ ги сподели и последните пораки испратени од брат мy во кои тој се жали дека поради проблеми со кислородната боца тешко дише.


„Тврдат дека пациентите постојано биле под надзор. А овие пораки од брат ми покажуваат дека до него немаше никој цела вечер. Кога се жалеше дека нема доволно вода во боцата, ние од дома се јавуваме кај други други доктори за да ургираат кај дежурниот лекар за да се реагира. Има низа пропусти во целото лекување. Ова е срамота. Мора да има одговорност за ова што ни го направија. Имаа три дена и три ноќи да го транспортираат во Скопје, но не сакаа“,
вели Дејан Мицкоски.
Во тек е вонреден инспекциски надзор, ДЗСИ ќе иницира и стручен
Младиот битолчанец, освен од ковид-19, не боледувал од други болести. Не бил вакциниран против ковид-19, а како коморбидитети од Министерството за здравство ја посочија прекумерната тежина. На прашање на „360 степени“ за тоа како се влошила неговата состојба, од Министерството за здравство минатата недела одговорија:
„Пациентот бил лекуван во КБ Битола, позитивен на ковид-19 од 9.10.2021. Првпат се јавил на преглед на 10.10.2021 на инфективното одделение во битолската болница, според лекарскиот извештај, пациентот бил без знаци за пневмонија, фебрилен и му била пропишана терапија за дома. Пациентот бил на лекарски преглед и следниот ден на 11.10. а за 12.10.2021 на пациентот му биле закажани контролни анализи. На 12.10. поради влошување на РТГ наодот и лабораториски анализи, пациентот бил хоспитализиран. Во лекарскиот извештај е наведено дека пациентот бил ставен на кислородна поддршка и дадена му е соодветна терапија. Кај пациентот прогресивно дошло до влошување на состојбата, починал на 15.10.2021. Коморбидитети: обезитас. Не е вакциниран“,
вели Министерството за здравство.
„Ако докторите сметаат дека подебелите деца се поризични, тогаш зошто одма не го хоспитализираа? Детето имаше тежина од 125 килограми и 180 цм висина и години се занимаваше со бодибилдинг. Не земаше никаква друга терапија за други болести. Не консумираше алкохол ниту цигари“,
вели неговиот татко.
На прашање за обвинувањата од семејството за лекарски пропусти, Министерството за здравство денеска одговори дека во тек е вонреден инспекциски надзор за случајот.
„Уште на почетокот од минатата недела, за случајот со починатото 22 годишно момче, инцирано е да се спроведе вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат. ДСЗИ треба да ја утврди целата патека на лекување на пациентот, од матичниот преку болничките прегледи и третманот во КБ Битола. По завршувањето на вонредниот надзор, јавноста ќе биде информирана за деталите од истиот“,
велат од Министерството за здравство.
Директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Ирина Бухова, вели дека вонредниот инспекциски надзор е при крај и дека деновиве треба да ја комплетираат целата историја на лекувањето на младото момче. Сепак, за да се испитаат сите сомнежи на фамилијата околу евентуални пропусти во лекувањето, ќе биде инициран и стручен надзор, најавува Бухова.
„ДЗСИ иницира вонредни инспекциски надзори за сите помлади лица починати од ковид-19. Ние уште во петокот инициравме вонреден инспекциски надзор кај матичниот лекар и болницата во Битола. Надзорот е во тек, очекувам деновиве да го имаме комплетен случајот со целокупната документација. Кога ќе заврши целосно, ќе дадеме информација. Но, каков и да е нашиот наод, претпоставувам дека секако ќе иницираме стручен надзор за да се разјаснат сите прашалници кои ги засегаат фамилијата. Ќе иницираме стручен надзор до Министерството за здравство, кое потоа може да го пренасочи случајот до Лекарската комора или да формира комисија за стручен надзор“,
вели Бухова.
Младиот битолчанец почина на 15 октомври, само шест дена откако му беше дијагностициран ковид-19. Дали неговото лекување почнало навремено и било соодветно и дали можело неговиот живот да биде спасен – одговор треба да даде стручниот надзор на надлежните институции.