Дваесет и двегодишното момче кое вчера почина од компликации од ковид-19 во болницата во Битола имало прекумерна тежина, велат од Министерството за здравство на прашањето како се влошила неговата состојба и дали освен што боледувал од коронавирусот имал други коморбидитети.
Од Министерството додаваат и дека пациентот не бил вакциниран против ковид-19.
„Пациентот бил лекуван во КБ Битола, позитивен на Ковид 19 од 09.10.2021. Прв пат се јавил на преглед на 10.10.2021 на инфективното одделение во битолската болница, според лекарскиот извештај, пациентот бил без знаци за пневмонија, фебрилен и му била препишана терапија за дома. Пациентот бил на лекарски преглед и следниот ден на 11.10. а за 12.10.2021 на пациентот му биле закажани контролни анализи. На 12.10. поради влошување на РТГ наодот и лабораториски анализи, пациентот бил хоспитализиран. Во лекарскиот извештај е наведено дека пациентот бил ставен на кислородна поддршка и дадена му е соодветна терапија. Кај пациентот прогресивно дошло до влошување на состојбата, починал на 15.10.2021. Коморбидитети: обезитас. Не е вакциниран“,
велат од Министерството за здравство за „360 степени“.