Целта на СЗО е 40 отсто од населението во секоја земја да се вакцинира до крајот на годината и 70 отсто до средината на 2022. Но, тоа според Тедрос е можно ако моќните земји и компаниите ги претворат своите зборови во дела

Пандемијата со ковид-19 ќе заврши кога светот ќе одлучи да ѝ стави крај, тоа е во наши раце, достапни ни се сите потребни алатки за тоа, рече генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесу, повторувајќи ги своите повици за рамномерна распределба на вакцините.
Тедрос изрази жалење што досега „светот не ги користел мудро тие алатки“ и нагласи дека со близу 50 000 смртни случаи неделно, пандемијата е далеку од својот крај.
Тој ваквите ставови ги изнесе на свеченото отворање на Светскиот самит за здравје во Берлин.
Целта на СЗО е 40 отсто од населението во секоја земја да се вакцинира до крајот на годината и 70 отсто до средината на 2022.
„Тоа е можно, но само ако земјите и компаниите, кои го контролираат снабдувањето со вакцини, своите зборови ги претворат во дела“,
вели шефот на СЗО.
Според него, земјите кои веќе вакцинирале 40 отсто од популацијата, вклучувајќи ги и државите од Г20, мораат да ги препуштат своите количини вакцини на останатите преку механизмот Ковакс и Африканскиот фонд за набавка на вакцини што го основаше Африканската унија.
„Производителите на вакцините мораат да го споделат своето знаење, технологија и лиценци и да се одречат од правата на интелектуална сопственост“,
порача Тедрос.
За нерамномерната распределба на вакцини зборуваше и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, од кого беше пуштена видеопорака на отворањето на Самитот. Гутереш во неа оценува дека успехот на создавањето вакцина и нејзината достапност на пазарот во рекордно време биле засенети од нерамномерната распределба.