Независниот кандидат за градоначалник вели дека добрите проекти од програмите на противкандидатите ќе ги инкорпорира во една единствена програма
Независниот кандидат за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, денеска пиел кафе со неговите противкандидати кои испаднаа во првиот круг од локалните избори, по што соопшти дека ќе ги разгледа нивните програми и добрите проекти ќе ги вклучи во една заедничка програма, соопштија од неговиот изборен штаб.
На заедничка маса со Димитриевски седнале Теодора Димитровска која беше кандидатка на ДОМ и ЛДП, Тони Михајловски од ВМРО-ДПМНЕ и Беким Салиу од коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива.
„Куманово мора да продолжи да се развива! Ветувам дека по победата на локалните избори ќе ги разгледам програмите на моите против кандидати и добрите проекти ќе ги инкорпорираме во една програма која ќе значи добробит за сите кумановци. Граѓаните заслужуваат подобар квалитет на живот, понапредна општина, почисто и зелено Куманово. Ве повикувам на 31-ви октомври да го продолжиме патот кон европско и модерно Куманово“,
рече Димитриевски.
Во вториот круг, тој ќе се соочи со кандидатот на СДСМ, Оливер Илиевски. Во првиот, Димитриевски имаше 15 164 гласа или само 22 повеќе од Илиевски, кој доби 15 142.
Тони Михајловски од ВМРО-ДПМНЕ беше третопласиран со 8 582 гласа, а Беким Салиу од Алијанса за Албанците и Алтернатива заврши како четврти со 4 257 гласови. Теодора Димитровска имаше 1 028 гласа.