Според документот што го цитираше скопскиот градоначалник, имотот што го поседуваат тој и членовите на неговото семејство не е стекнат ниту зголемен како резултат на непријавени и неоданочени приходи
Актуелниот градоначалник на Скопје и кандидат за уште еден мандат, Петре Шилегов, на денешната прес-конференција одговараше на обвинувањата од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за неговите наводни злоупотреби на функцијата, како и за наводни незаконски приходи и зголемување на неговиот имот.
Тој вели дека, по барање на ВМРО-ДПМНЕ, од Управата за јавни приходи (УЈП) добил документ кој потврдува дека неговата имотна состојба е законска и во согласност со пријавените приходи и платените даноци.
„Токму по барање на ВМРО-ДПМНЕ, Управата за јавни приходи (УЈП) издаде документ кој потврдува дека целата моја имотна состојба и се што поседуваме јас и моето семејство е еднаква и соодветствува на пријавените приходи и платени даноци“,
рече Шилегов.

Тој го цитираше издадениот документ од УЈП, кој според него е решение за запирање на постапка за испитување на имотната состојба.
„Во образложението, меѓу другото, од податоците со кои располага овој орган и презентираните докази од страна на лицето, органот утврди дека имотот на Петре Шилегов и членовите на неговото семејство не е стекнат ниту зголемен како резултат на непријавени и неоданочени приходи. Односно, имотот кој го поседуваат и средствата со кој располагаат потекнуваат од приходи кои биле предмет на оданочување“,
го цитираше Шилегов документот од УЈП.
Тој рече дека со ова се потврдува дека нема потрошени ниту денар повеќе од она што е пријавено.
„Јас и моето семејство сме спремни на уште 10 вакви постапки против мене и против моето семејството да ги води било која институција во оваа држава. Но, прашањето е дали Мицкоски и Арсовска ќе престанат конечно да лажат. Политиката мора да биде лишена од лаги, затоа што ние политичарите сме тука за луѓето, а не се тие тука за нас“,
рече Шилегов.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ останала доследна на политиката на измама и злонамерни конструкции.
„Денеска со документи ги демантирам сите прес-конференции на ВМРО-ДПМНЕ и сите зборови искажани на митинзите за тоа како сум ја злоупотребувал мојата функција и како сум имал незаконски приходи“,
додаде Шилегов.