Лидерот на Демократската партија на Турците денеска преку соопштение ги нарекува шпекулации и манипулација на јавното мислење информациите со кои се доведува во прашање стабилноста на мнозинството
Шпекулациите околу стабилноста на владиното мнозинство ги толкуваме како манипулација на јавното мислење од страна на неколку портали пред вториот круг локални избори, велат од Демократската партија на Турците која е дел од владејачкото мнозинство.
Нејзиниот лидер Бејџан Илјас, денеска во соопштение до медиумите тврди дека владината коалиција е стабилна и работи исклучиво во интерес на граѓаните, за напредокот на земјата како највисока заедничка цел.
Илјас појаснува дека ДПТМ која е дел од владејачкото мнозинство во Собранието, на последните локални избори во еден дел од општините учествуваше со сопствените кандидати за градоначалници и листи за советници, а на останатиот дел од општините заедно со партиите кои ја сочинуваат владината коалиција, што според него е модел кој како партија го практикуваат во изминативе 30 години на сите локални избори до сега. Од друга страна, вели тој, ваков модел на функционирање е показател на демократскиот капацитет на партиите кои ја сочинуваат владината коалиција кое е за поздравување. Бидејќи целта ни е да ги зачувуваме интересите на нашите граѓани и да го унапредуваме демократскиот капацитет на нашата заедничка држава.
„Како сериозна партија со 30-годишно искуство, ДПТМ за политичкото дејствување одлуките ги носи на партиските органи по сопствено убедување на нашето членство а во интерес на граѓаните кои ги застапува. Затоа ни еден субјект во оваа држава нема право и нема да дозволиме да шпекулира во и со наше име“,
велат од партијата.
Вчера и Бујар Османи, чија партија ДУИ е дел од владината коалиција и парламентарното мнозинство оцени дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека нема потреба од вонредни парламентарни избори, по локалните чиј втор круг ќе се одржи на 31 октомври.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера, одговарајќи на новинарско прашање рече дека прво да заврши и вториот круг од локалните избори, а потоа ќе се занимаваат со прашањето за ново парламентарно мнозинство.