Еврокомесарот Вархеји повтори пред европратениците од Комисијата за надворешни работи дека одложувањето на преговорите е штетно за кредибилитетот на Европската Унија
Еврокомесарот за проширување ги презентираше извештаите за реформскиот напредок на земјите од Западниот Балкан и Турција пред европратениците и повика итно да почнат преговорите со Скопје и со Тирана, јави МИА од Брисел.
Како што стои и во самите извештаи на Европската комисија оваа година, еврокомесарот Вархеји пред европратениците од Комисијата за надворешни работи повтори дека одлагањето на преговорите со Северна Македонија, и со Албанија, е штетно за кредибилитетот на Европската Унија.
„Работиме одблизу за да ја деблокираме ситуацијата и да го решиме проблемот за оваа тешка тема. Засега не бевме успешни, но имаме надеж, до крајот на оваа година мораме да испорачаме, не смее ова да се доведе во прашање, и на нас е да испорачаме. Кога велам нас, мислам на сите земји членки на ЕУ, мислам и на Северна Македонија која е партнер во ова. Патував во двете престолнини и сѐ уште сум подготвен да помогнам“,
рече Вархеји/
Тој додаде дека, со оглед на изборните циклуси во Бугарија и во Северна Македонија. овој период не помага, но дека оваа сложувалка мора да се надмине.
Вархеји ги повтори заклучоците од извештајот за Северна Македонија дека земјата покажала одлучност и истрајност во реформите, вклучително и владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал и дека ова треба да продолжи, со дополнителни напори за реформата на јавната администрација.