За угостителските објекти за организирање прослави, веселби и свадби, остануваат во сила постојните мерки и протоколи
Се укинува ограничувањето на максимално дозволениот број лица на една маса во кафетериите, рестораните и во рестораните на хотелите, како во отворените така и во затворените делови на овие угостителски објекти. Исто така, отсега исполнетоста на капацитетите на угостителските објекти во затворениот дел од објектот, како и во отворениот дел е до најмногу 50% искористеност на капацитетот на објектите.
Оваа одлука е донесена на денешната владина седница, согласно моменталната епидемиолошка состојба во државата и се однесува на измени и дополнувања на ковид-протоколите за работата на угостителските објекти (кафетерии и објекти за исхрана).
За угостителските објекти за организирање прослави, веселби и свадби, остануваат во сила постојните мерки и протоколи.
Олабавувањето на рестрикциите за угостителските објекти ги најави министерот за економија Крешник Бактеши уште на крајот на септември, кога рече дека тоа ќе зависи од епидемиолошката состојба.
На сила остануваат сертификатите за вакцинација како услов за влез во угостителските објекти кои се воведени од 16 август, иако Независната угостителска комора бараше и тие да се укинат.