На повеќе места „алармот“ за губење на поддршката бил вклучен уште на минатите избори, кога е забележана поголема предност на ВМРО-ДПМНЕ во општини во кои СДСМ има свои градоначалници кои, пак, беа избрани со значително водство во 2017 година
Во повеќе општини во државата ВМРО-ДПМНЕ на изборите во неделата освоила приближно ист број гласови како и на парламентарните избори минатата година, за разлика од СДСМ, кој главно бележи пад во гласови во споредба со ланските избори, кога дел од неговата коалиција беа и ДОМ, ЛДП и Беса, кои овој пат настапуваа одвоено од коалицијата на централно ниво.
Споредбата на гласови од ланските парламентарни избори и од гласањето во неделата за членови на совети на општините што ја направи „360 степени“, земајќи ги како пример 10. скопски општини и пет поголеми општини во внатрешноста на државата, покажува осцилации кај ВМРО-ДПМНЕ, односно благ пад, умерен пораст или сличен резултат како и на претходните избори, кои исто така се спроведуваат според пропорционален изборен модел. Од друга страна, кај СДСМ речиси без исклучок се забележува повпечатливо намалување на билансите.
Впечатокот е дека на повеќе места „алармот“ за губење на поддршката бил вклучен уште на минатите избори, кога е забележана поголема предност на ВМРО-ДПМНЕ во општини во кои СДСМ има свои градоначалници кои, пак, беа избрани со значително водство во 2017 година. На пример, во Кисела Вода предноста на ВМРО-ДПМНЕ на минатогодишните избори била околу три илјади гласа, за на овие избори салдото на опозициската партија да порасне за околу 200 гласа. Наспроти тоа, СДСМ сега паднал на советничката листа за над 2,4 илјади гласа, така што разликата со ВМРО-ДПМНЕ сега е околу шест илјади. Сличен е и примерот со Бутел, каде што минатогодишната разлика со СДСМ од околу 1,5 илјада сега е удвоена.
Еден од повпечатливите примери е Штип, каде што само нецела година по изборот на нов градоначалник од редовите на СДСМ, владејачката партија сега ја загуби битката уште во првиот круг. ВМРО-ДПМНЕ овој пат на советничката листа за Штип освоила околу 1,5 илјада гласа повеќе отколку на ланските парламентарни избори, кога со СДСМ биле „нерешено“. Згора на тоа, пак, СДСМ овој пат има околу две илјади гласа помалку од лани.
Во Битола, пак, СДСМ лани имал водство од околу илјада гласа пред ВМРО-ДПМНЕ, а сега предноста на опозициската партија пред владејачката е близу две илјади на советничките листи.
Треба да се има предвид дека на овие избори СДСМ настапуваше без дел од коалициските партнери од „Можеме“, со кои одеше заедно на ланските избори. Наспроти тоа, ВМРО-ДПМНЕ настапи со истата коалиција „Обнова“ од изборите во 2020 година.
Исто така, на овие избори учествуваа повеќе кандидатски листи, односно партии и независни кандидати за разлика од претходниот изборен циклус. Првиот круг го карактеризираше и мал одѕив, што е невообичаен за локални избори – близу 49 проценти. На ланските избори, пак, одѕивот беше за нијанса повисок – 52 отсто.
Пресметката што ја направи вчера „360 степени“ покажува збирна разлика од околу 50 илјади гласа во корист на ВМРО-ДПМНЕ на советничките листи, а наспроти СДСМ. Поточно, ВМРО-ДПМНЕ има околу 285 илјади гласа на советничките листи, а СДСМ над 235 илјади. Треторангирана партија, според бројот на гласови на советничките листи, е ДУИ со близу 105 илјади, следна е коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива, која освои речиси 55 илјади, а следна е Левица со збирно салдо од над 48 илјади гласа. Беса освои над 25 илјади на советничките листи во општините во кои настапуваше, додека ДОМ/ЛДП добија близу 24 илјади гласа.
На ланските парламентарни избори, владејачката коалиција освои над 327 илјади гласови во шестте изборни единици, наспроти 315 илјади гласови за коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Односно тогаш разликата меѓу двете коалиции, на национално ниво, беше околу 12 илјади гласа што резултираше со два пратенички мандати повеќе за колаицијата „Можеме“ на СДСМ (46 наспроти 44).