Досегашниот градоначалник вели дека е убеден во победа, затоа што очекува да излезат на гласање оние што апстинираа во првиот круг и затоа што тој и СДСМ имаат поголем коалициски капацитет
Петре Шилегов, досегашниот градоначалник на Скопје и кандидат на СДСМ за нов мандат, изјави попладнево дека е убеден во голема победа во вториот круг.
Тој оцени дека влегуваат изедначени во вториот круг со кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, која претходно објави дека води со над пет илјади гласа.
Шилегов оцени дека вчерашниот изборен ден бил успешен, им се заблагодари на оние што го поддржале и ги повика на гласање на 31 октомври оние што не излегле во првиот круг.
„Вчера имавме навистина успешен изборен ден, празник на демократијата. Во вториот круг влегуваме изедначени. Работевме напорно во изминатите четири години и Скопје стана единствен и европски град. Ги повикувам граѓаните кои, од кои било причини вчера не излегоа на гласање, во вториот круг масовно да излезат. Јас сум убеден дека поради тоа, како и поради поголемиот коалициски капацитет, ќе извојуваме голема победа“,
рече Шилегов, кој оцени и дека Арсовска, како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, го постигнала истиот резултат како и оваа партија на ланските парламентарни избори.