За да се победи во првиот круг, потребно е да се освојат мнозинството од гласовите на граѓаните што излегле во првиот круг, односно 50 отсто плус еден глас
Според првичните податоци на ДИК, СДСМ досега не освои ниту еден градоначалнички мандат во првиот круг во десетте скопски општини, а само во три ќе влезе со предност пред противкандидати од другите партии. Од општините каде што се избројани речиси сите гласови, првичните резултати од ДИК покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ засега има две освоени градоначалнички места уште во првиот круг, а ДУИ едно.
За да се победи во првиот круг, потребно е да се освојат мнозинството од гласовите на граѓаните што излегле во првиот круг, односно 50 отсто плус еден глас.
На пребројани над 99 отсто од гласовите, ВМРО-ДПМНЕ ги добива Бутел и Гази Баба
Со Бутел во наредните четири години ќе управува Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ бидејќи тој освоил 52,79 отсто од гласовите, покажуваат првичните резултати на ДИК. Таму се пребројани сите 17 073 гласа и од нив Костовски освоил 9 012. Актуелниот градоначалник и кандидат на СДСМ, пак, има 6 831 или 49,01 отсто. Преостанатите 1 229 ливчиња, пак, се неважечки.
Во Гази Баба се пребројани 99,79 отсто од гласови и таму сигурно е дека нов градоначалник ќе биде Бобан Стефковски од ВМРО-ДПМНЕ. Тој освоил 17 880 или дури 60,07 отсто од гласовите, додека актуелниот градоначалник и кандидат на СДСМ, Борис Георгиевски, има повеќе од двојно помалку или 8 766 што е околу 29,45 отсто.
ВМРО-ДПМНЕ убедливо води и во Аеродром, Кисела Вода и Ѓорче Петров
Според моменталната состојба, опозициската партија е на пат да победи во првиот круг и во Аеродром и Кисела Вода, додека во Ѓорче Петров е малку под прагот од 50 отсто плус еден глас. Меѓутоа, овде е помал процентот на пребројани гласови.
Во Аеродром се обработени 68,15 отсто од гласовите и таму Тимчо Муцунски убедливо води со повеќе од двојно гласови пред второпласираниот Александар Филиповски од СДСМ. Муцунски има 13 257 гласа, што е 56,5 отсто, а Филиповски има 5 980 гласа или 25,49 отсто.
Во Ѓорче Петров на обработени 77,17 отсто од гласовите, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Стојкоски, има 7 468 гласа или 49,79 отсто. Актуелниот градоначалник од СДСМ има 5 063 гласа што е 33,76 отсто.
Во Кисела Вода е повисок процентот на обработени гласови – 88,72 отсто. Од нив 52,33 отсто или 12 993 гласа има Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, а актуелниот градоначалник и кандидат на СДСМ, Филип Темелковски, има речиси двојно помалку, односно 6 833 гласа или околу 27,52 отсто.
СДСМ води во Центар и Карпош
Во Центар и Карпош, пак, веројатно ќе има втор круг од изборите и во него владејачкиот СДСМ ќе влезе со предност.
Во Центар засега се пребројани 81,54 отсто од гласовите, а кандидатот на социјалдемократите, Горан Герасимовски, има 7 375 или 40,48 отсто. Втора е кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Наташа Котлар-Трајкова, со 5 995 гласа или 32,99 отсто.
Во оваа општина Левица е на третото место и во моментов има 2 068 или 11,38 отсто од пребројаните гласови.
Во Карпош, пак, пребројани се 88,59 отсто од гласовите и досегашните резултати му даваат предност на Душко Весковски од СДСМ со 8 534 гласа или 33,53 отсто. Овде во мртва трка за втор круг се ВМРО-ДПМНЕ и Гром на Стевчо Јакимовски. Јакимовски има 6 130 гласа, што е само 14 повеќе од Оливер Зафировски од ВМРО-ДПМНЕ, кој има 6 116 гласа.
Во Шуто Оризари битка помеѓу коалициските партнери: СДСМ vs ЛДП/ДОМ
Втор круг од локалните избори ќе има и во Шуто Оризари. Таму веќе се пребројани сите гласови и според првичните резултати во втор круг битката ќе ја водат СДСМ со Ферат Асан, кој вчера освоил 3 280 гласа или 37,18 отсто против актуелниот градоначалник Курто Дудуш, кој има 2 246 гласа или 25,46 отсто. Дудуш на претходните избори стана градоначалник како кандидат на СДСМ, но на овие се натпреварува со поддршка на коалицијата на ЛДП/ДОМ, кои се коалициски партнери на социјалдемократите на централно ниво.
ДУИ го доби Сарај во првиот круг, во Чаир влегува со предност за вториот круг
Битката за градоначалничката функција во првиот круг заврши и во Сарај и со општината и понатаму ќе раководи Блерим Беџети од ДУИ. Таму се пребројани сите гласови и, според првичните резултати, Беџети освоил 10 790 гласа, што е 73,10 отсто повеќе од следниот кандидат за градоначалник. Второ место со далеку помалку гласови е Керим Мамути од Алијанса за Албанците и Алтернатива. Тој има 2 606 гласа или 17,65 отсто.
ДУИ води и во Чаир, меѓутоа, според моменталната ситуација со гласовите, таму ќе се гласа и во втор круг. Засега пребројани се 98,10 отсто од гласовите и според резултатите Висар Ганиу има 12 698 гласа или 48,69 отсто. Втор е Беким Сали од Алијанса за Албанците и Алтернатива со 9 669 гласа или 37,08 отсто.