Државниот секретар и шефот на европската дипломатија имаа состанок во Вашингтон, на кој се разговарало и за ЕУ-перспективите на Западен Балкан
Државниот секретар Ентони Блинкен изрази благодарност за продолжената недвосмислена поддршка на ЕУ за европската перспектива на Западен Балкан и заложбата кон процесот на проширување, соопшти американскиот Стејт департмент, по денешната средба на Блинкен со шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел во Вашингтон.
Блинкен ја нагласил потребата од напредување на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија. Секретарот и високиот претставник, исто така, ја истакнале нивната силна поддршка за напорите за враќање на демократскиот поредок во Венецуела.
На состанокот Блинкен – Борел се разговарало и за заедничката загриженост во врска со повисоките цени на енергијата и нивниот ефект врз глобалното економско закрепнување. Тие се согласиле да се одржи министерски состанок на Советот за енергија на САД и ЕУ во почетокот на 2022 година.

Секретарот ја потврдил поддршката на Соединетите држави за посилна пооспособена европски одбрана која придонесува позитивно за трансатлантската и глобалната безбедност и е компатибилна со НАТО. Тој и високиот претставник ја истакнаа нивната намера да започнат посветен дијалог за безбедноста и одбраната, како што беше договорено на Самитот на САД и ЕУ во јуни и ги задолжија своите тимови да ги истражат обемот и модалитетите на таков дијалог.