Во Србија во моментов има над 124 илјади активни случаи на ковид, а од почетокот на епидемијата починале нешто повеќе од 8 800 ковид-пациенти
Ситуацијата со ковид во Србија и натаму е алармантна, според кажувањата на епидемиолозите и лекарите од ковид-центрите. Директорката на ковид-болницата во Батајница кај Белград, Тања Аџиќ-Вукичевиќ, алармира дека немаат повеќе слободни кревети, но и дека кога се ослободуваат тие се пополнуваат за 15 минути. Таа вели дека имаат хоспитализирано и цели семејства.
„Утрово информирав дека имаме слободни 20 кревети, но пред две минути ме информираат дека веќе се пополнети. Се пополнуваат многу брзо, некогаш за 15 минути“,
вели д-р Аџиќ-Вукичевиќ за РТС.
Таа информираше дека во изминатиот ден хоспитализирале 80 лица, а за претходните седум дена дури 485 лица. Во моментов имаат повеќе од 800 хоспитализирани ковид-пациенти.

„Практично, секој што влегува во болница бара кислород, тоа е најмалку 9-10 литри или 12-15 литри, а ние имаме пациенти на 50-60 литри. Тоа е огромна потрошувачка и оптоварување на целиот систем“,
вели докторката.
Најмладиот пациент што е хоспитализиран во оваа болница има 22 години, а највозрасниот 91.
„Тажни се сликите во болницата. Имаме по тројца-четворица членови од исти семејства кои лежат заедно во иста соба“,
додава д-р Вукичевиќ.
Таа укажува дека околу 95 проценти од хоспитализираните не се вакцинирани, а останатите пет проценти се вакцинирани со една или две дози, но најчесто вакцинирани во периодот февруари-март и тие требало веќе да ја примат третата доза во септември и октомври, а во меѓувреме се разболеле
Во Србија во моментов има над 124 илјади активни случаи на ковид, а од почетокот на епидемијата починале нешто повеќе од 8 800 ковид-пациенти.