Претседателот ќе има и повеќе средби, меѓу кои и со шведскиот премиер Стефан Лофвен, португалскиот шеф на дипломатијата Аугусто Сантош Силва, со министерот за Европа на Германија Михаел Рот
Претседателот Стево Пендаровски отпатува во работна посета на Кралството Шведска каде што ќе учествува на Меѓународниот форум за сеќавање на холокаустот и борба против антисемитизмот „REMEMBER – REACT“ (Запомни – Реагирај).
Според најавата од неговиот кабинет, тој денеска ќе се обрати на сесијата насловена „Зачувување на сведоштва и развој на образование за иднината“. На маргините на форумот, пак, ќе има средби со претседателот на Светскиот еврејски конгрес Роналд Лаудер, португалскиот шеф на дипломатијата Аугусто Сантош Силва и со министерот за Европа на Германија, Михаел Рот.
Денеска на агендата на претседателот е и посета на македонската православна црква „Св. Наум Охридски“ каде што ќе се сретне со претставници на македонски друштва од градот.
Утре, пак, Пендаровски ќе се сретне со шведскиот премиер Стефан Лофвен, а потоа ќе замине во Гетеборг на средба со претставници на Македонскиот сојуз во Шведска.
„Во петок, 15 октомври 2021 година, во Стокхолм, претседателот Пендаровски ќе оствари средба со претседателот на Парламентот на Шведска (Риксдаг), Андреас Норлен, со дел од членовите на комисијата за надворешни работи, комисијата за европски прашања, претседателот на групата за пријателство на Парламентот на Шведска со Собранието на Северна Македонија и претседавачот и членови на Управувачката група на соработката за демократски развој со Северна Македонија. Предвидено е претседателот Пендаровски да оствари средба со министерката за надворешни работи на Кралството Шведска, Ан Линде и со претставници на Шведската агенција за меѓународна соработка и развој (СИДА)“,
најавија од кабинетот на Пендаровски.
Во Шведска тој ќе ја посети и Нобеловата фондација и ќе оствари средба со претставници на водечки политички фондации и институти.