Според најновото истражување на јавното мислење на агенцијата „Алфа рисрч“, спроведено од 4 до 10 октомври, за претседателските избори во Бугарија на 14 ноември, Герџиков е на второто место со 28,1% поддршка зад Румен Радев со нешто повеќе од 42 отсто
Интеграцијата на Република Северна Македонија во ЕУ ќе се случи откако ќе ги исполни обврските од Договорот за пријателство, изјави денеска претседателскиот кандидат на партијата ГЕРБ во Бугарија, Анастас Герџиков. Тој ги оцени како многу добри последните изјави на премиерот Зоран Заев и изрази надеж дека тоа не се само празни зборови.
„Нашата позиција мора да биде конзистентна. Сакаме европска интеграција на сите земји од Западен Балкан. Но, интеграцијата на PCM може да се случи откако нашиот западен сосед ќе ги исполни потпишаните обврски во Договорот за соседство. Последните говори на Зоран Заев беа многу добри, да се надеваме дека ова не се празни зборови“,
изјави Герџиков во интервју за утринската емисија „Бугарија наутро“ на ТВ „БГ он ер“, пренесе весникот „Труд“.
Тој најавува дека неговата кампања ќе биде позитивна, но најавува дека започнува битка за обединување околу каузите и новиот национален идеал и признава дека има големи поделби.
„Целосно сме поделени, очигледно сме нација на индивидуалисти. Партиите од десната страна би можеле да стојат зад мојата кандидатура. Мора да бараме обединување на граѓаните. Да ги натераме партиите да ја следат агендата на народот и да се разберат меѓусебно по најважните точки“,
вели Герџиков.
Според најновото истражување на јавното мислење на агенцијата „Алфа рисрч“, спроведено од 4 до 10 октомври, за претседателските избори во Бугарија на 14 ноември, Герџиков е на второто место со 28,1% поддршка зад Румен Радев со нешто повеќе од 42 отсто.
Над 80 проценти од електоратот на ГЕРБ најавува поддршка за него. Покрај нивниот глас, тој успева да привлече поразновидно гласачко тело од околу 7 проценти, надвор од ГЕРБ. За него би гласале околу 15% од поддржувачите на „Продолжуваме со промената“, 12% од Демократска Бугарија, околу 30% од поддржувачите на ВМРО и 10% гласачи од други политички сили. Сериозна поддршка има кај високообразувани лица и луѓе од поголемите градови, каде што има најголеми шанси да ја зголеми поддршката.