Околу 4 900 обрасци за пасоши има останато во моментов, а 14 900 граѓани чекаат да им биде издаден пасош. Новата пратка на обрасци за патни исправи од економскиот оператор „Веридос“ треба да стигне на 24 март, а како што информира денеска техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, се прават напори за забрзување на процесот и постои можност тие евентуално да стигнат десетина порано од тој термин.
Чулев денеска по посетата на Секторот за внатрешни работи Скопје, одговарајќи на новинарско прашање истакна дека проблемот со личните карти и возачките дозволи е надминат, останува да се реши уште проблемот со пасошите.
Тој денеска уште еднаш кажа дека проблемот со издавање лично документи го наследил од неговиот претходник, сегашниот технички премиер Оливер Спасовски.
„Во постојана комуникација сме со економскиот оператор ‘Веридос‘ од Германија. Успеавме да го надминеме хаосот што го создаде тогашниот министер за внатрешни, а сегашен технички премиер Оливер Спасовски, со цел да предизвика неспокој кај граѓаните и да предизвика одложување на парламентарните избори“, рече Чулев.
Тој најави дека денеска ќе ја информира и Владата за проблемот со патните исправи.
Чулев вчера на прес-конференција во врска со недостатокот на обрасци за лични документи рече дека постојат индиции и материјални докази дека во МВР во времето на Спасовски незаконски се спроведувале постапки и се склучувале договори.
Премиерот Спасовски му одговори дека додека тој бил во Министерството за внатрешни работи немало никакви проблеми ниту со пасошите ниту со личните карти и го советуваше Чулев да го реши проблемот.