Партизаните, вели Мицкоски, не се бореа и не гинеа за слободата за денес прелесно да допуштаме поигрување со таквото наследство кое е врежано во колективната меморија на слободарските антифашистички народи
Никој нема право, а најмалку тие кои ја водат државата, да внесуваат сомнежи, ниту поделби или да прават трговија со нашата колективна заслуга во борбата против фашизмот, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во честитката за 11 Октомври – Денот на народното востание.
„Наша задача денес е да издвојуваме победа на разумот, на нашето право да создаваме нова иднина за нашите луѓе. Тоа е иднина темелена на морал и принципи. Нашите луѓе се пркосни, храбри, работливи и знаат што сакаат. Овој народ си ја сака среќата и местото под ова парче небо. И овој народ ќе се избори“,
вели Мицкоски.
11 Октомври, вели тој, е врежан во колективната меморија на Македонија како ден кога слободољубивоста поведе и потоа победи. Ако некои народи, продолжува Мицкоски, велеа дека е подобро да се живее на колена, отколку да се загине на нозе, нашиот народ реши да се исправи на нозе и да крене глава за слобода, и се запиша помеѓу народите предводници на антифашистичката борба.
„Во време кога повторно слободата ни се ограничува, кога се прават поделби, кога нема одговорност за никого и ништо, кога книгите завршуваат во депонија, кога луѓето не чувствуваат сигурност, кога со нашето наследство власта прави трговија, повеќе од сигурно е дека потребни се промени. Партизаните, нашите втори илинденци залудно не газеа по снеговите, не се бореа и гинеа за слободата за да денес прелесно допуштаме поигрување со таквото наследство, врежано во колективната меморија на слободарските антифашистички народи во светот, на чие наследство како Македонија имаме полно право да се повикуваме“,
вели Мицкоски во честитката.