Со пригодни церемонии, празникот ќе се одбележи во Прилеп, Куманово и Скопје
Северна Македонија денеска го празнува 11 Октомври – Денот на народното востание. Годинава одбележуваме 80 години од почетокот на Народно-ослободителната војна и заокружувањето на раѓањето на македонската држава. Пред точно осум децении, Првиот прилепски партизански одред го нападна полицискиот участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред. Круна на антифашистичката борбата која следувала се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.
Одбележувањето на 11 Октомври почна вчера со манифестација, во организација на Владата и Општина Прилеп на плоштадот „Методија Андонов Ченто“, каде обраќања имаа премиерот Зоран Заев, претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна од 1941-1945, д-р Никола Стојановски и градоначалникот Прилеп Јованоски.
Денеска, пак, одбележувањето ќе продолжи со тоа што делегации на државниот врв, општествено-политичките организации, Армијата, борците, дипломатскиот кор и други, во Прилеп ќе положат цвеќе пред спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифовски Питу и на спомен обележјата во Алејата на народните херои, пред споменикот „Жена борец“ и на Могилата на непобедените.
На Могилата на непобедените е предвидена свечена празнична програма и обраќања на претседателот на државата, Стево Пендаровски, на градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски и на претседателот на Општинскиот одбор на борците од Прилеп, Круме Соколоски.
Празникот ќе биде одбележан и во Скопје и во Куманово.
Во Скопје, чествувањето ќе започне во меморијалниот комплекс „Партизански гробишта“ во Бутел во 9:30 часот. На свеченостите во Скопје ќе се обратат потпретседателката на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945, Елена Ј. Грујовска, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија Горан Мисовски.
Во Куманово, пред Спомен костурницата во градот, цвеќе ќе положат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и заменик-министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Илхан Рахман.