Една од највидливите придобивки, што е резултат на претходните дигитални самити на Западен Балкан, е намалувањето на цените на роаминг во регионот, што стапи на сила од 1 јули годинава. Следен чекор, е пониски цени на роаминг меѓу Западен Балкан и Европската Унија и широкопојасен интернет за 95 отсто од домаќинствата до 2024 година

Од денеска па до 13 октомври Подгорица ќе биде домаќин на Дигиталниот самит за Западен Балкан, како дел од Берлинскиот процес и Агендата за заеднички пазар за Западен Балкан. Самитот ќе биде во хибриден формат, а темите за кои ќе се зборува се дигиталната економија, дигиталните вештини и знаења, дигиталната инфраструктура и поврзаност, како и доверливост и безбедност.
Над 90 говорници, меѓу кои претставници на владите од регионот, Европската комисија, Советот за регионална соработка, бизнис заедницата, дигитални експерти и носители на промени од граѓанскиот сектор ќе зборуваат за дигиталната трансформација на регионот и ќе разменат добри практики и достигнувања за конкретната примена на дигиталните алатки за создавање подобро општество за сите – од дигитални јавни услуги и е-влада достапни преку смартфоните на граѓаните, дигитализацијата на јавното здравство, дигитална инфраструктура за поголема мобилност, па се до безбедносни сертификати, онлајн идентификација и кибербезбедност.
На отворањето, виртуелно ќе се обратат генералната секретарка на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу, генералниот директор на Генералниот директорат за комуникација, мрежи, содржини и технологија при ЕК Роберто Виола, регионалниот директор за Европа на СЗО Ханс Клуге, државната секретарка при Федералното министерство за економски работи и енергија на Германија Клаудиа Дор-вос и министерката за јавна администрација, дигитално општество и медиуми на Црна Гора, Тамара Срзентиќ.
На вториот ден е планирана специјална сесија на која ќе бидат претставени победничките дигитални решенија од Балкатон 2.0 – регионален натпревар организиран од Регионалниот совет за соработка наменет за младите иноватори, старт-апи и мали и средни претприемачи од регионот на Западен Балкан.
На последниот ден е предвиден состанок на високо ниво со претставници на сите шест економии од Западен Балкан – Северна Македонија, Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина со Еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји и генералната секретарка на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу.
Целта на Дигиталниот самит на Западен Балкан 2021, како што е најавено, е размена на добри практики од регионот, поттикнување развој и исполнување на дигиталната агенда, дефинирање на идните правци и истражување на можните партнерства со приватниот сектор во контекст на процесот на дигиталната трансформација.
Важноста на Дигиталниот самит на Западен Балкан е потврдена и со четиригодишниот акциски план 2021-2024 за заеднички регионален пазар – Common Regional Market, усвоен на Самитот во Софија 2020 година, којшто предвидува специфични мерки класифицирани во четири столба – трговија, инвестиции, дигитализација и индустрија и иновативност.
Една од највидливите придобивки, што е резултат на претходните Дигитални самити на Западен Балкан, е намалувањето на цените на роаминг во регионот, што стапи на сила од 1 јули годинава. Следен чекор, е пониски цени на роаминг меѓу Западен Балкан и Европската Унија и широкопојасен интернет за 95 отсто од домаќинствата до 2024 година.
Првиот Дигитален сами на ЗБ се одржа во Скопје (2018), вториот во Белград (2019) и последниот во Тирана (2020).