Илјадници луѓе вчера излегоа на улиците на италијанската престолнина за да се спротивстават на мерката за воведување задолжителен вакцинален сертификат за сите работници. Некои се обидоа да ги пробијат редовите на полицајците, кои ја обезбедуваа канцеларијата на премиерот Марио Драги, додека одделна група упадна во седиштето на синдикатот и ги демолираше канцелариите
Италијанската полиција денеска соопшти дека уапсила 12 лица, вклучително и лидерите на екстремно десничарската партија Форца Нуова, по вчерашните немири во Рим поради владината мерка со која здравствената зелена пропусница ќе биде задолжителна за сите работници.
Илјадници луѓе вчера излегоа на улиците на италијанската престолнина за да се спротивстават на мерката. Некои се обидоа да ги пробијат редовите на полицајците, кои ја обезбедуваа канцеларијата на премиерот Марио Драги, додека одделна група упадна во седиштето на синдикатот и ги демолираше канцелариите.
„Десетици демонстранти во текот на ноќта се обидоа да упаднат во одделот за итни случаи во римската поликлиника Умберто I, каде што еден од нив беше задржан на лекување. Здравствените работници беа принудени сами да се забарикадираат“,
изјави денеска шефот на Итната служба Франческо Пуглизе.
Драги ја претстави пропусницата – дигитален или хартиен сертификат која докажува дека е примена барем една доза од вакцината, има негативен тест или неодамна прележал ковид -19, уште во текот на летото заради борба против инфекцијата и за да ги охрабри луѓето да добијат вакцинирани.
Сертификатите првично беа потребни за влез во културни и рекреативни простори, но нивната употреба постепено се прошири. Владата ја направи пропусницата задолжителна за сите работници минатиот месец.
Според системот за зелена пропусница за работници, прифатен од синдикатите и вработените, работникот кој нема валиден здравствен сертификат од 15 октомври ќе биде суспендиран и нема да прима плата, но не смее да биде отпуштен.
