Кандидатот на СПД за канцелар Олаф Шолц вчера изјави дека е јасна насоката на гласачите – идната влада да биде т.н. „семафор коалиција“, составена од СПД, Либералите и Зелените
Социјалдемократите (СПД), Либералите (ФДП) и Зелените започнуваат разговори за можна коалициска влада во Германија и не се планирани понатамошни разговори со демохристијаните.
Олаф Шолц, кандидатот на СПД за канцелар, вчера беше јасен:
„Утре започнува“.
Според Дојче веле, тој додал дека резултатите од парламентарните избори во Германија јасно ја покажуваат насоката од гласачите за формирање влада на Социјалдемократите, Либералите и Зелените.
„Тоа е волја на граѓаните“,
рече Шолц.
Црвено-зелено-жолто?
Социјалдемократскиот кандидат за канцелар, кој сè уште е министер за финансии во владата на Ангела Меркел, укажува на заедничките цели на овие три партии. Тоа се, на пример, мерки против климатските промени, поголемо меѓусебно почитување во општеството, како и модернизација на земјата. Шолц вели дека новата влада мора да постигне „напредок за Германија“.
Слично зборуваа и другите социјалдемократски политичари, како Саскија Ескен и Норберт Валтер-Борјанс.
Пред тоа, германските либерали (ФДП) и Зелените се согласија да им понудат на социјалдемократите заеднички, трипартиски, прелиминарни разговори за можна коалиција „семафор“ – именувана по боите на партиите. Шефот на либералите, Кристијан Линднер, изјави дека му понудил на Шолц веднаш да ги започне разговорите.

Истовремено, Зелените и Либералите одбија да разговараат со демохристијаните.
Возот тргна
Веста за почетокот на овие разговори во сестринските демохристијански партии ЦДУ и ЦСУ прво доведе до мала „војна“ на Твитер меѓу разочараните демохристијани и либералите. Меѓутоа, се појасен е заклучокот дека коалицијата со Зелените и либералите, која би била предводена од демохристијаните, всушност е отфрлена.
Лидерот на баварските конзервативци Маркус Цедер гледа „де факто отфрлање“ на таква коалиција и „јасна прелиминарна одлука“. Тој додаде дека единствената шанса за ЦДУ и ЦСУ е пропаѓање на коалициските преговори меѓу социјалдемократите, Зелените и либералите.
„Додуша, ние сме подготвени за разговори, но нема бескрајно да чекаме“,
рече Цедер, повикувајќи ги демохристијаните да го зачуваат достоинството и самопочитта.
Eine gemeinsame Jamaika-Sondierung mit FDP und Grünen wäre fair gewesen. Aber die beiden haben sich entschieden, ohne die Union die Ampel zu sondieren. Wir bedauern, aber respektieren diese Entscheidung. Jamaika wäre eine Chance zur Modernisierung des Landes gewesen.
— Markus Söder (@Markus_Soeder) October 6, 2021
На сличен начин реагираа шефот на парламентарниот клуб на Баварските демохристијани, Александар Добринт и министерот за економија, Петер Алтмајер.
„Вратата беше оставена отворена, но резето од другата страна остана спуштено“,
изјави Добринт.
Алтмајер објави на Твитер дека „семафор-возот штотуку ја напушти станицата“. Ова значи дека демохристијаните, по шеснаесет години владеење, полека се подготвуваат да се преселат во опозициските клупи.
Лашет сè уште се надева
Демохристијанскиот кандидат за канцелар Армин Лашет рече дека ќе ја почитува таа одлука, но исто така нагласи дека тие се уште се подготвени за коалициски преговори. Дури и Ангела Меркел на самитот во Словенија рече:
„Армин Лашет јасно стави до знаење дека ЦДУ е достапна за разговори, но и дека ЦДУ нема најдобри резултати на изборите“.

Од изборите наваму, има се повеќе гласови во редовите на демохристијаните, кои бараат Лашет да преземе одговорност за лошите изборни резултати и да ослободи простор за обнова на партијата. Меѓу погласните се министерот за здравство Јенс Шпан, експертот за надворешна политика на демохристијаните Норберт Ретген, како и Фридрих Мерц, кој како поразен конкурент на Ангела Меркел се повлече од партиската политика, а сега освои пратенички мандат.
Гнев и самокритика
На одлуките на Зелените и либералите им претходеа билатерални разговори меѓу двете партии и со социјалдемократите и со демохристијаните. По викендот, либералите беа лути на своите колеги од таборот на демохристијаните, бидејќи некој им пренел одредени делови од разговорот зад затворени врати на медиумите, иако било договорено она што е кажано да остане „во четири sида“.

Сега е ред се демохристијаните да извлечат поука, вели високата политичарка во редовите на демохристијаните, Хулија Клекнер, која ја советува својата партија: „Колку и да е тешко, мора да ја разбереме оваа ситуација како шанса“.
Заменик-шефот на Демохристијанската унија и министер за внатрешни работи на провинцијата Баден-Виртемберг, Томас Штробл, заклучува дека за нив е особено горчливо што „тие се виновни за развојот на настаните што доведоа до оваа точка”.