СЗО соопшти дека здравствениот систем во земјата е пред колапс и оти се потребни итни мерки
Во Авганистан постои ризик од 1,5 милион дози од вакцините против ковид да бидат уништени, бидејќи се ближи нивниот рок на употреба, а во земјата забавен процесот на вакцинација.
И покрај сите тешкотии на терен, Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека продолжува да работи со партнери во најмалку 16 авганистански провинции за да го зголеми нивото на тестирање и вакцинација против коронавирусот. Целта на организацијата, меѓу другото, е вакцинацијата да опфати најмалку 20 проценти од 32 милиони луѓе во земјата.
СЗО соопшти дека испратиле медицински пакети до две болници во Кабул, како и до нејзините регионални канцеларии, за да се задоволат потребите на 50 000 луѓе. Од август, организацијата испрати лекови и медицински материјали во 360 медицински установи во Авганистан, исполнувајќи ги потребите на околу 3,9 милиони луѓе.
Претходно, СЗО соопшти дека здравствениот систем во земјата е пред колапс и оти се потребни итни мерки. Според СЗО, девет од 37 болници што лекувале заболени од ковид-19 се затворени во септември, а илјадници здравствени работници во земјата се без плата со месеци.
Авганистанската телевизија „Толо њуз“ објави дека 155 000 луѓе биле заразени со коронавирус во земјата до вчера. Од почетокот на пандемијата, околу 7 200 луѓе во Авганистан починаа како резултат на болеста.
