Спроведувањето правила носи ризик. Ризикот ќе се зголеми ако ваквите напади врз спроведувачите на правила останат неказнети, вели Миша Поповиќ од Институтот за демократија
Ова не е обична тепачка, ова е напад врз службено лице поради должноста што ја извршува, коментира истражувачот од Институтот за демократија, Миша Поповиќ, во врска со физичкиот напад врз претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.
Синоќа, Бислимоски беше физички нападнат од Аријанит Џафери, син на поранешниот функционер Муса Џафери. Причината за нападот била започната постапка за одземање лиценца на фирмата на Џафери која се занимава со снабдување со струја.
„Спроведување на правила носи ризик. Ризикот ќе се зголеми ако ваквите напади врз спроведувачите на правила останат неказнети. Ова не е обична тепачка, ова е напад врз службено лице поради должноста која ја извршува. Ако пропадне прогонот, јавното обвинителство може слободно да си се спакува и да си оди“,
вели Поповиќ.
За инцидентот, кој се случил вчера во угостителски објект во Дебар Маало, денеска извести „Дојче веле“, а објавија и видео од нападот. Од Министерството за внатрешни работи изготвило и писмено известување до ОЈО Скопје, извршени се разговори со сведоци на настанот, обезбедена е видеоснимка, а пријавениот го признал делото.
„Во врска со случајот што синоќа околу полноќ во СВР Скопје го пријави М.Б. (45) од Скопје дека на тераса од угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од А.Џ. (28) од Скопје, ја известуваме јавноста дека случајот е целосно расчистен и против А.Џ. ќе биде изготвена кривична пријава за кривично дело насилство по член 386 од Кривичниот законик“,
велат од Министерството за внатрешни работи.