Ракеле Мусолини на локалните избори во Рим, кои се одржаа во неделата и понеделникот, доби најголем број гласови од сите кандидати на листата за советници на италијанскиот главен град, покажуваат речиси конечните резултати
Ракеле Мусолини, внука на Бенито Мусолини, која името го добила по првата сопруга на фашистичкиот диктатор, на локалните избори кои се одржаа во неделата и понеделникот доби најголем број гласови од сите кандидати на листата за советници во градот Рим, покажуваат речиси конечните резултати.
Ракеле Мусолини (47), кандидатка на екстремнодесничарската партија „Браќа на Италија“ (СДИ), доби повеќе од 8 200 гласа по пребројувањето на повеќе од 97 проценти од избирачките места, што е поединечно највисоко од сите кандидати.
За неа ова ќе биде втор мандат како градски советник и тврди дека нејзиното презиме нема никаква врска со тоа.
„Човекот е поважен од презимето, без разлика колку тежина има. Имам многу пријатели и од левата страна“,
вели таа за „Република“.
Нејзиниот покоен татко Романо беше џез-пијанист и девер на актерката Софија Лорен. Тој е четврто дете на Мусолини.
Другите потомци на Мусолини, исто така, се занимаваат со политика, сите се десничари, како што е полусестрата на Ракеле, Алесандра, поранешна пратеничка во Европскиот парламент.
Десничарските партии поминаа релативно лошо на овие локални избори губејќи ја трката во клучните градови како Милано, Неапол и Болоња.
Вториот круг од изборите за градоначалник на Рим ќе се одржи на 17 и 18 октомври, во кој силите ќе ги одмерат кандидатот на десницата Енрико Микети, кој е адвокат и радиоводител, и кандидатот на левоцентристичкиот центар Роберто Галтиери, кој е поранешен министер за финансии.
Микети доби 30 проценти од гласовите во првиот круг, а Галтијери 27 проценти.
