Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, посочи дека нивните очекувања се дека претседателот на Собранието, согласно членовите 67 и 68, ќе ја закаже седницата на Собранието во рок пократок од 10 дена, бидејќи сметаат дека оваа состојба е од итен карактер и треба итно да се разреши
ВМРО-ДПМНЕ повторно бара на собраниска седница да се расправа за разрешување на министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани, откако премиерот Зоран Заев вчера рече дека не ги прифаќа нивните оставки поднесени по пожарот во модуларната болница во Тетово каде што загинаа 14 лица.
Пратеничката група на партијата, како што информираше пратеникот Антонио Милошоски, поднела иницијатива за свикување итна седница на Собранието, повикувајќи се на членовите 67 и 68 од Деловникот.
„Нашето прашање до собраниското мнозинство и до Владата е уште колку луѓе треба живи да изгорат како пациенти за да се понесе политичка и објективна одговорност за ваквата трагедија којашто е резултат на неодговорноста на власта“,
рече Милошоски.
Пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ посочи дека нивните очекувања се дека претседателот на Собранието, согласно членовите 67 и 68, ќе ја закаже седницата на Собранието во рок пократок од 10 дена, бидејќи сметаат дека оваа состојба е од итен карактер и треба итно да се разреши.
Милошоски потсети дека во Романија пред пет дена се случи пожар во болница со загубени пет човечки животи и оти таму падна целата влада.
„Во Македонија пред еден месец изгоре модуларната болница во Тетово, но во Романија падна целата Влада, а во Македонија падна продолжниот кабел со којшто премиерот Заев ја потценува интелигенцијата на сите граѓани и сака да ја скрие одговорноста на Филипче“,
рече пратеникот.
И кон средината на септември ВМРО-ДПМНЕ бараше на пленарна седница да се стави предлог за разрешување на Филипче и Хасани.
Тогаш, наспроти ставовите на ВМРО-ДПМНЕ дека пратеници може да побараат разрешување на член на Владата, спикерот Талат Џафери сметаше дека евентуален предлог за разрешување на министер треба да произлезе од премиерот. СДСМ, исто така, реагираше во слична насока, обвинувајќи ја опозициската партија дека не го познава ниту Деловникот ниту Уставот и само сака да профитира од национална несреќа.