Декларацијата што ќе биде ставена на маса на Самитот во Брдо, а во која РСЕ имаше увид, покрај поддршката за интеграции, содржи и ригорозни услови, исполнување на договорите за решавање билатерални проблеми, како и поддршка за борба со пандемијата, криминалот, корупцијата, тероризмот
Ние, лидерите на Европската унија (ЕУ) и нејзините земји членки, во консултација со лидерите на Западен Балкан и во присуство на регионални и меѓународни чинители, денес го заклучивме следново: ЕУ ја потврдува својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан и ја поздравува посветеноста на партнерите од Западен Балкан кон европската перспектива, што е во наш заеднички стратегиски интерес и останува наш заеднички стратегиски избор.
Ова стои во нацрт-верзијата на Декларацијата која утре, на 6 октомври, во Брдо кај Крањ во Словенија ќе биде ставена на маса за потпис на Самитот ЕУ-Западен Балкан, објави радио Слободна Европа (РСЕ) чија редакција имала увид во документот.
Дали ќе има ваква декларација и дали ЕУ-лидерите можат да дадат гаранции за проширување беше дилема до пред неколку дена, особено откако агенцијата Ројтерс објави инсајдерска информација од неименувани дипломати во која стои дека Унијата, „плашејќи се од политички реакции во земјите членки, веќе не може да се согласи да им даде гаранција за идно членство на шесте балкански земји“.
Демант на оваа информација најпрво стаса од Европската комисија (ЕК), а потоа и од претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, која беше на балканска турнеја, како и од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој тогаш имаше средба со македонскиот премиер Зоран Заев.
Што содржи декларацијата?
Според радио Слободна Европа, ЕУ-декларацијата подготвена за Самитот во Брдо содржи 29 параграфи, поделени во четири тематски целини – Декларацијата „Брдо“, ковид-19, Економски и инвестициски план за Западен Балкан и Политичка и безбедносна соработка.
Покрај поддршката од членките на Унијата, Декларацијата содржи и напомена дека „ЕУ ја потврдува својата посветеност кон процесот на проширување и нејзините одлуки донесени врз основа на веродостојни реформи од страна на партнерите, правична и ригорозна условеност и по принципот на сопствени заслуги“.
Унијата во посебна точка го наведува признавањето на напредокот на регионот, како и тоа дека го одржува развојот кој обезбедува капацитет за интегрирање нови членки.
„Ние дополнително ќе го интензивираме нашиот заеднички ангажман за да ја продолжиме политичката, економската и социјалната трансформација на регионот, истовремено признавајќи го напредокот постигнат од Западен Балкан. Исто така, потсетуваме на важноста што ЕУ може да го одржи и да го продлабочи сопствениот развој, обезбедувајќи го нејзиниот капацитет за интегрирање на нови членки“,
стои во нацрт-верзијата на Декларацијата подготвена за Самитот во Брдо на 6 октомври.
Членките на Унијата и во Декларација ја нагласуваат важноста од почитувањето на добрососедските односи во регионот, и исполнувањето на Договорот од Преспа на Северна Македонија со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, како и пронаоѓање и спроведување на конечни, инклузивни и обврзувачки решенија за билатералните спорови на партнерите и прашањата вкоренети во наследството од минатото, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи.
Во Декларацијата е потенцирана поддршката на ЕУ за регионот како традиционален партнер, а европските земји како инвеститори во регионот, со посебен акцент на партнерството и помошта за регионот во ковид-кризата во висина од 3,3 милијарди евра и подготвеноста на ЕУ да го подобри пристапот до вакцини, дијагностика и терапија и да обезбеди подобра предвидливост и отпорност на идни кризи.
Понатаму, ЕУ го поздравува концептот на зелени патеки ЕУ-Западен Балкан, како и почетокот на агендата за Западен Балкан за иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт – „Агенда за иновации за Западен Балкан“, која треба да промовира научна извонредност и реформа на образовните системи во регионот и да спречи одлив на мозоци. Со Декларацијата ЕУ се согласува и да ја зајакне нејзината соработка со регионот за безбедносни прашања, за справувањето со мигрантските проблеми, борбата со тероризмот, радикализацијата и организираниот криминал, како и за справување со дезинформациите и другите хибридни закани, кои потекнуваат особено од актери од трети држави кои, според наведеното, „сакаат да ја поткопаат европската перспектива на регионот“.
Од прес-службата на бугарскиот претседател Румен Радев, денеска, еден ден пред Самитот на Европската Унија и Западен Балкан, кој треба утре да се одржи во Брдо кај Крањ, Словенија, објави дека премиерот Зоран Заев и бугарскиот претседател Румен Радев се поканети од германската канцеларка Ангела Меркел на заедничка средба со францускиот претседател Емануел Макрон.