Во синоќешниот телефонски разговор претседателот на САД, меѓу другото, ѝ пренел на шефицата на Европската комисија дека неговата администрација е „за“ политиката на проширување кон Балканот.
„Двајцата лидери разговараа и за Западен Балкан и притоа претседателот Бајден ја пренесе силната поддршка за продолжување на процесот на пристапување со земјите од регионот“,
пишува во соопштението на Белата куќа.
Пораката на Бајден доаѓа во пресрет на утрешниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ на кој европските и лидерите на шесте земји од Западен Балкан – Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија и Косово ќе разговараат за иднината на проширувањето и европската перспектива на регионот.
Од Самитот се очекува да произлезе декларација во која ќе се реафирмира дека Унијата ќе се проширува кон Западен Балкан, но и дека во тој процес ќе треба да се земе предвид апсорпцискиот капацитет на ЕУ.