Во САД е вакцинирано околу 56,5 проценти од населението, а можност за вакцина имаат сите Американци постари од 12 години
Повеќе претставници на здравствените власти во САД сметаат дека стапката на вакцинација ќе треба да достигне 90 проценти или повеќе за да се постигне оптимално ниво на заштита од ковид-19.
Присуството на делта-варијанта на вирусот дополнително ја зголеми потребата луѓето да се вакцинираат, изјавија функционери за „Ју-ес-еј тудеј“ во извештај објавен вчера.
„Она што го научивме од делта-сојот и го гледаме за оваа варијанта е дека постигнувањето на вистинското ниво на заштита за населението бара да биде 90 отсто“,
рече Том Мекарти од Одделот за здравство на Род Ајленд.
Слично мислење има и доктор Ерик Топол од истражувачката група „Скрипс“.
„Сега ни требаат 85 до 90 отсто вакцинирани против делта-сојот“,
рече Топол за „Ју-ес-еј тудеј“.
Доктор Ентони Фаучи, водечкиот американски експерт за заразни болести, во мај рече дека уште еден бран на инфекција може да се спречи доколку до 4 јули се вакцинираат 70 проценти од населението.
Околу 56,5 проценти од населението во САД е целосно вакцинирано против ковид-19, покажуваат статистичките податоци на Универзитетот „Џонс Хопкинс“. Повеќе од 185 милиони Американци се вакцинирани со двете дози.
Повеќе од 12 милиони луѓе во Њујорк се вакцинирани со две дози, што е околу 63,74 проценти од населението.
Во моментов сите Американци постари од 12 години можат да се вакцинираат.
