Нападот се случил пред џамија во која се одржувала комеморацијата на починатата мајка на портпаролот на талибанците, Забидула Муџахид
Во експлозија на бомба во Кабул, Авганистан загинаа неколкумина цивили, но засега не се знае точната бројка. Нападот се случил пред џамија во која се одржувала комеморацијата на починатата мајка на портпаролот на талибанците, Забидула Муџахид.
Тој подоцна преку Твитер потврди дека во нападот загинале цивили, но не соопшти повеќе детали. Од болницата во Кабул, која е управувана од италијанска хуманитарна организација, соопштија дека примиле четири лица повредени во експлозијата.
Досега, ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот, но откако талибанците ја презедоа власта во Авганистан кон средината на август, се зачестија нападите на милитантите на Исламската држава.
Исламската држава, која го задржа присуството во источната провинција Нангархар и ги смета талибанците за непријатели, претходно ја презеде одговорноста за неколку напади.
