МВР најавува дека и во иднина ќе продолжи со засилените контроли и санкционирање на учесниците во сообраќајот кои не ги почитуваат законите

За 73 отсто е намален бројот на жртви на сообраќајниците во септември 2021 во споредба со истиот месец лани, соопштија денеска на прес-конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски и претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска.
Според статистиките, во септември 2021 имало четири жртви, а истиот месец лани 15 лица го загубиле животот во сообраќајки.
Претседателката на РСБСП смета дека тоа се должи и на заедничките кампањи што ги спроведуваат РСБСП и МВР.
„Задоволни сме бидејќи е намален бројот на сообраќајни незгоди и неколкукратно е намален бројот на загинати лица во сообраќајни, а ќе бидеме целосно задоволни кога бројот на загинати лица во сообраќајните незгоди ќе биде нула. РСБСП продолжува со планираните активности. Во септември започна учебната година, а со тоа започна и кампањата ’Да ги заштитиме децата во сообраќајот‘. Затоа РСБСП апелира до возачите: Бидете внимателни, внимавајте на децата во сообраќајот, намалете ја брзината во близина на училишта и градинки. Не заборавајте дека безбедноста на децата во сообраќајот е одговорност на возрасните“,
рече Кожуваровска.
Од МВР велат дека се благодарни на граѓаните што се приклучиле во напорите за обезбедување побезбедни патишта, но и на полицајците кои секојдневно даваат свој придонес.
„Ова е сериозно намалување, но ние продолжуваме со интензивните активности за овие бројки да се намалуваат и натаму и ги повикувам и оние граѓани кои до сега не ги почитуваа правилата да ни се приклучат и сите заеднички да обезбедиме безбедни патишта. 2020 беше најбезбедна година според бројот на жртви на патиштата, но првите девет месеци од 2021 покажуваат дека оваа година е со најмал број на жртви на патиштата“,
рече портпаролот Ангеловски.
Тој најави дека МВР и во иднина ќе продолжи со засилените контроли и санкционирање на учесниците во сообраќајот кои не ги почитуваат законите.